Г.г. Стефан му го честита именденот на поглаварот на Украинската православна црква

Поглаварот на МПЦ-ОА неодамна изјави дека некои барања на Вселенската патријаршија, поврзани со процесот за добивање томос за автокефалност, тешко ќе бидат позитивно одговорени и реализирани, особено тие поврзани со името и со дијаспората. Според него, неприфатливо е и барањето да се признае Украинската црква

Архиепископот охридски и македонски Стефан, од името на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и од негово лично име, упатил честитка до Неговото Блаженство митрополитот киевски и на цела Украина, Онуфриј, по повод неговиот именден, 25 јуни 2024, информира одделот за информации и образование на Украинската православна црква.

„Ве поздравуваме на денот на споменот на вашиот небесен покровител, преподобниот Онуфриј Велики, со сесрдни и најискрени желби за силно здравје и изобилство Божјо милосрдие во вашата исконска служба на Црквата Христова. Вашите дела и молитви како Претставник на Украинската православна црква го зајакнуваат верниот народ, покажувајќи дека сте добар пастир на стадото што ви е доверено од Бог“,

се вели во честитката од г.г. Стефан упатена до Неговото Блаженство митрополитот Онуфриј.

Говорејќи за условите кои ѝ се поставуваат на МПЦ-ОА за томос, г.г. Стефан пред еден месец, во изјава за телевизијата Стар, рече дека тие се неприфатливи. Според поглаварот на МПЦ-ОА, некои барања на Цариградската патријаршија тешко ќе бидат позитивно одговорени и реализирани, особено тие поврзани со името и со дијаспората. Според него, неприфатливо е и барањето да се признае Украинската црква.

 „Вселенската патријаршија која нѐ упатуваше на тоа и за кое впрочем се потпишани сите православни цркви во Шамбези дека така треба тоа да се случува нѐ прифати во заедничко сослужување во канонско единство со сите православни цркви. Ако ни даде томос, ние ќе го прифатиме, но условите кои ни се поставуваат се неприфатливи за нас – откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Украинската црква која ја призна Цариград“,

рече тој.

- Реклама -