Поглаварот МПЦ-ОА – архиепископот г. г. Стефан, испрати писмо со поддршка до веселенскиот патријарх Вартоломеј, во кое истакнува сострадање поради промената на статусот на храмот Света Софија во Истанбул.
„Споделувајќи ја загриженоста на сиот христијански свет со решението за промена на статусот на храмот посветен на Премудроста Божја – Света Софија, најпрекрасниот украс во христијанската архитектура, изграден од ктиторот – богољубивиот и свет цар Јустинијан, роден на македонските простори, во денешен Таор, Скопско, Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископот г.г. Стефан, од името на полнотата на нашата Помесна Црква, испрати писмо на сострадалност и поткрепа до Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх, г.г. Вартоломеј“, соопштуваат од МПЦ-ОА.
Во писмото, г. г. Стефан „со длабока огорченост, силна нажаленост и голема вознемиреност“ истакнал дека чинот со промена на статусот на Света Софија „потсетува на некои други времиња коишто современиот свет и култура со право ги сметаше, а и треба да ги смета, за темно минато“.
„Би сакале да ја посведочиме сострадалноста и поткрепата на целиот православен народ од нашата диецеза со Цариградскиот престол и Вселенската Црква, и со Вашата богољубива, човекољубива и, со ревност и голема трпеливост, богомдарувана личност“, се вели понатаму во писмото.
Како што велат од МПЦ-ОА, на крајот од пораката Архиепископот сепак изразил надеж дека силните реакции на институции и поединци низ светот сепак ќе резултираат со измена на оваа, како што ја нарекува, „антицивилизациска постапка“.