Футурама повторно во етер

Убави вести пристигнуваат за љубителите на анимираниот серијал Футурама. Имено од денес почнува да се емитува првата епизода од седмата сезона на оваа популарна серија, најавија одговорните луѓе од компанијата Comedy Central.

Тринаесет нови епизоди ќе се прикажуваат секоја среда во текот на летово а се очекува серијалот да продожи да се емитува и во 2013 година. Во премиерната вечер на отварањето на седмата сезона ќе гледаме блок од две епизоди со наслов “The bots and bees” и “A farewell to arms”.

Оваа мегапопуларна серија произлегува од перото на Мат Гренинг, кој воедно е креатор на глобалниот феномен наречен Симпсонови кои веќе неколку декади не засмеваат на телевизиските екрани. Дејствието во серијата се концентрира на ликот Филип Фрај, 25 годишен доставувач на пици кој случајно ќе навлезе во криогена состојба  на Новогодишната ноќ во 1999 година и ќе се разбуди 1000 години подоцна. Фрај се обидува да се прилагоди на новиот живот во 31 век и ќе се вработи во копанијата Планет Експрес каде што со своите нови пријатели и колеги ќе доживее безбројни урнебесно смешни авантури.

Професорот Хјуберт Фансворт, атрактивната девојка Лејла  која всушност е киклоп и хуманоидниот јастог, доктор Зоидберг се некои од ликовите кои се појавуваат во серијалот. Меѓутоа еден од најпопуларните ликови е роботот Бендер кој со својот црн хумор и сарказам дава посебен шмек и поширока комична димензија на ова анимирано телевизиско шоу. Еве едно видео од Бендер кога е во „елемент“.

{youtube}FwIkTAVb_RQ&feature=related{/youtube}

Во новата сезона повторно може да очекуваме епизодни гостувања на повеќе познати личности како што се комичарката Ванда Сајк, Џорџ Такеи (г. Сулу од Ѕвездени патеки), Патрик Стујард (Жан Лук Пикард од Ѕвездени патеки), Ден Кастеланета (гласот на Хомер Симпсон) и многу други.

Креаторите на серијата изјавија дека имаат толку многу идеи во врска со приказната, така што ако ги преточат во анимираниот серијал ќе има доволно анимиран материјал за прикажување во следните 5 години.

- Реклама -