Фустан за личен простор во јавниот превоз

Кога користите јавен превоз, личниот простор е луксуз што не секогаш го имате. Останатите патници често вршат „инвазија“ врз „меурот“ околу вас.

Ова може да биде многу здодевно и иритантно, но особено е проблематично за жените. Затоа, уметницата Кејтлин МекДермот реши да создаде парче облека кое ќе ја заштити жената во такви ситуации: „Personal Space Dress“, фустан кој физички го проширува просторот околу жената што го носи и прави заштитна ограда.

Овој фустан е втор во серијата со наслов „Урбан штит“. Станува збор за едноставен концепт во кој технологијата е интегрирана со дизајнот. Кога вградените сензори ќе забележат дека некое лице е преблиску до вас, механизмот на фустанот се шири, па оној што го нарушува личниот простор е принуден да се оддалечи.

Прочитајте и:  16 дена активизам против родово базирано насилство - “Лузни на издржливост, гласови на надеж”

МекДермот ја добила идејата за фустанот кога живеела во Хонг-Конг. Таа покажува особен интерес за „технологија која може да се носи“ и смета дека тоа не треба да биде поле со кое ќе се занимаваат само инженери.

Иако нејзиниот „Фустан за личен простор“ не го решава проблемот со сексуалното вознемирување во јавниот превоз, сепак истакнува важна поента. МекДермот планира да ја постави скицата и проектот на интернет, достапни за бесплатно преземање и на тој начин да им овозможи и на други ентузијасти ширум светот самите да си направат свој „екстра простор“.

- Реклама -