Течат последните рокови за уписи на словенечките факултети
Во тек се последните рокови за запишување на студии на факултети во Словенија, каде се уште има слободни места. Деканот на Факултетот за општествени апликативни студии, професор д-р Борут Рончевиќ на информативниот ден што се одржа вчера во Скопје, објасни дека има неколку факултети, каде има слободни места.
„Согласно постојниот договор меѓу двете држави додипломските студии и постдипломските студии, односно магистерските студии се бесплатни за сите студенти од Македонија. Докторските студии се дел од понудата, но за нив треба да се плати школарина. Исто така на ФУДШ и на ФИШ постои платформа и за онлајн следење настава на која може да се приклучите во зависност од вашите потреби“, објасни Рончевиќ.
За можностите за упис на Факултетот за информатички студии, говореше и асистентот на ФИШ Игор Трајановски дообјаснувајќи дека постапката за третиот уписен рок оди преку државната платформа. Тој ги упати потенцијалните студенти, за повеќе детали, да ги посетат и интернет страниците https://www.fuds.si/en/ и https://www.fis.unm.si/.
„Наставата се одвива на словенечки јазик, но првата година постои разбирање и може да комуницирате и на англиски, српски или хрватски јазик. Нашите факултети годинава организираат и бесплатен курс за словенечки јазик, што е доволно да ги совладате основите за полесно да се вклучите во наставата. За уписи за наредната учебна година (2025/26), пријавните рокови ќе бидат објавени на почетокот на следната календарска година“, објасни Трајановски.
На двата факултета во тек се и уписи за постдипломски студии.
Од неодамна како координатор за меѓународни студии на ФУДШ се приклучи и Миа Кениг, Македонка која ја користи програмата за вработување за студентите во Словенија. Кениг е студент и вработена на ФУДШ, која директно го користи своето искуство да им помогне на новите студенти околу постапките за аплицирање и упис.
Студиските програми на ФУДШ и ФИШ се атрактивни и поради големиот број меѓународни проекти на кои работат факултетите и со тоа креираат дополнителни можности за развој на младите.