Фросина Пармаковска: Отсекогаш сакав да напишам магично-реалистичен роман

Пред точно два месеци излезе од печат новиот роман на Фросина Пармаковска, „Сè уште можам нешто да сторам“. Го земате романот и како мало дете кое му верува на топлиот исповеден тон, му го подавате рачето на нараторот и му дозволувате да ве води низ мрачните лавиринти на свеста на Иван, главниот лик, кој се бори со своите демони.

Заедно ја чувствувате болката од животните удари, неизмерната тага на сопругата Пина по секој нов неуспешен обид за ин витро зачнување, тонењето во амбисот на самообвинувањето и немоќта за справување со она што го носи животот, без разлика дали се тоа ситуации кога некој драг ви заминува на небото или ви паѓа од небо. И со нетрпение го чекате секое ново појавување на нејзиното височество, магијата.

Какво е чувството два месеци по „раѓањето“ на романот, сега кога веќе „не можеш ништо да сториш во врска со него“ (твои зборови 😊)?

Чувството е единствено, незаменливо, неспоредливо, неописливо ослободувачки, како со умот, крвта и желудникот да сте родиле цел изграден возрасен човек сосе сиот негов свет и комплекс од желби, заблуди, страсти, соништа засонувани и отсонувани што во меѓувреме или, пак, уште пред почетокот, станале ваши желби, заблуди, страсти, соништа засонувани и отсонувани.

Во повеќе наврати имаш кажано дека идеите за твоите романи се базираат на идеи за ликови. Како изгледаше Иван како прабитие во твојата свест? Од каде почна да извира ликот, а и приказната со останатите ликови?

Иван првобитно беше ветрушка. Мечтател. Лесен. Радосен. Богат. Единствен. Наследник на чуда. Трепетлив. Подвижен. Вљубен. Посветен. Светол. Иван во почетокот беше сосем комфорен и среќен во сите овие атрибути и во реалноста што го опкружуваше. Но, возејќи се на лудата железница во која таа, неговата реалност наврапито се претвора, неговите мечти стануваат стравови, леснотијата која толку многу го одликуваше станува сѐ подалечна, самиот тој се смалува во својот простор и во своето време што доведува до болното исчезнување кое почнува да го населува и да господари со целото негово битие. На крај, а и пред и потоа, Иван е лик кому му е насушно потребна средба со себеси, потрес, соочување, со сите чувства што овие процеси ги подразбираат.

Се обидувам да се сетам на некое друго дело во нашата книжевност, каде што се тематизира ин витро оплодувањето и не успевам. Иако, оваа голгота е реалност на многу луѓе околу нас и убаво е да се види и како дел и од фикцијата. Како изгледаше истражувањето на темата за ситуациите да делуваат убедливо?

Истражувачкиот процес во романите што излегуваат од границите на книжевноста и навлегуваат во други области е многу важен, а за мене, секогаш дополнително возбудлив и поучен. Овде е присутна темата на ин витрото, а во минатите романи се појавуваат низа теми како абортусот, шизофренијата, зависноста итн. Овде, како и во минатите случаи, во рамките на процесот на учење и истражување читам соодветна литература (за среќа, денес е многу полесно, што се однесува до пристапот), потоа, правам детални консултации со соодветни експерти, доктори, правници, но и луѓе од секојдневието засегнати со конкретните проблеми.

Во кој момент налета на текстот на Дојче Веле за илјадниците украдени бебиња во Југославија и реши тој да стане значаен столб на приказната на романот?

Таа приказна се разви од моментот откако истражував за ДНК тестовите, различните видови, различните компании коишто ги нудат и различните начини на кои тие функционираат, односно кога братот близнак требаше да дојде на судбинската средба. Не би можела во моментов со сигурност да го потврдам редоследот на овие поврзани настани, но клучното прашање кое ја создаде таа приказна и кое ме одведе до целиот тој случај беше: Како е можно (на кој начин?/ по каква игра на случајот) една мајка да роди близнаци и да задржи само едно бебе, а притоа, да не се откаже самата таа од другото?

Магичниот реализам, темата на твојот магистерски труд, за првпат се среќава во твое дело во овој роман (ако добро паметам) и функционира одлично како дел од испреплетеноста на реалноста и (чудата за стигнување до) другите можни реалности. Дали оваа постапка ти беше предизвик кој конечно го реализираше или сосема спонтано при пишувањето ти се покажа како потребна?

Морам да признам дека сите овие години откако активно ја следам нашата литература и откако и самата јас придонесувам во неа, ме обземаше една тага што кај нас магичниот реализам како книжевен феномен е присутен многу малку, а истовремено, реалноста во која живееме е неописливо податлива за ваков тип на прозни текстови. Отсекогаш сакав да напишам магично-реалистичен роман, но не можев; најверојатно затоа самата си ги наметнував овие желби, не доаѓаше природно. Сега се случи сосем спротивното: јас немав никакви жанровски или, пак, стилски тенденции во таа насока, но си дојде самото тоа неповикано, тивко и неусилено – магичните елементи на тлото на реалистичниот свет застапен во романот самите си го најдоа својот пат.

Ми се допадна како ненаметливо го чепна и ДПМ уште на првите страници во романот😊. Да нема недоразбирања, ДПМ е Друштвото за применета магија од кое дедото на Иван, магионичар, се има разочарано и оддалечено, откако било узурпирано од луѓе недостојни за професијата. Како човек чија „имагинација не познава граници и може сè“, кое е најубавото чудо што го замислуваш кога станува збор за ДПМ?

„Друштвото за применета магија“ има прекрасен назив и благородна мисија иницирана од најталентираните, најголеми претставници на областа. Друштвото на писатели на Македонија има прекрасен назив и исто толку благородна мисија иницирана од најталентираните, најголеми претставници од областа. И едното и другото, успеваат (колку е жалосно да се употреби овој глагол во ваков синтаксички и семантички контекст) да се престорат во безвоздушна и безсветлинска просторија обременета со чекорите на луѓе на кои свежината, креативноста и Другоста им е туѓа. Токму чудо е потребно да се случи за да се врати наследството кое тие, најголемите ни го оставиле. Но, чудата се случуваат, нели… Во светот кој го негира нивното присуство, јас не сакам да верувам.

Те очекува промоција на романот во четврток, можеби следење на резултатите од изборот на Роман на годината и, се надевам, многу читатели на романот. Што очекуваш ти со најголема возбуда?

Сите тие се убави настани, убав животен пат на една книга, па така, во моментов сум особено возбудена поради претстојната промоција која мојот издавач и јас ја замисливме и ќе ја изведеме во малку понеобичен формат. Сепак, најголемата радост што произлегува од секој напишан и пуштен на слобода роман, за мене се читателите и фидбекот што доста често од нив го добивам – успевањето да се повлијае на една човечка душа, можноста таа да се растрепери и да се обогати во најубавата смисла на зборот, е најголемата и најзначајна моќ на една книга.

Насловна фотографија: Наташа Атанасова

Извор: https://blen.mk/frosina-parmakovska-intervju/?fbclid=IwAR0zDX9YaiFXrY6tkRQzKiKG94ioC0jXMTpfLlANbI1m9g2-rJVB8nWlIQs

- Реклама -