Фрики утре пред Обвинителството, ќе дава исказ за „Рекет“

Фото: Од Инстаграм профилот на Боки 13

Пратеничката Фросина Ременски, која јавноста ја препозна во псевдонимот „Фрики“ во колумните на Бранко Героски, утре ќе дава исказ за случајот „Рекет“ во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, дознава и објави „Плусинфо“.

Ременски е почесна претседателка на хуманитарната „Меѓународен сојуз“ на првоосомничениот Боки 13, а до скоро беше и потпретседател на СДСМ. Нејзиното разрешување, како што тврдат од партијата, е сосема неповрзано со аферата „Рекет“.

Пред еден месец, ден пред Илинден, Ременски реагираше на шпекулациите за нејзината улога во аферата, порачувајќи дека „очајнички е да се поврзува нејзиното почесно членство во невладина со случајот ‘Рекет’ “ (прочитајте ТУКА).

Ременски беше и една од функционерите на СДСМ кои се заканија со тужба до порталот „Инфомакс“ поради објавување на првата страна од записникот од сведочењето на Орце Камчев пред обвинителката Вилма Русковска, но пред сè поради изнесените тврдења дека понатаму во сведочењето Камчев алудира на вмешаност на политичари, меѓу кои и Ременски. „Инфомакс“ таквите тврдења не ги потврди со објавување на остатокот од записникот, а подоцна и обвинителката Вилма Русковска ги демантираше наводите дека се споменувале други политичари освен премиерот Зоран Заев, и тоа само еднаш, во делот кога Камчев зборува дека кај него прво се пожалил за рекетирањето.

- Реклама -