Сигналите пред Европскиот Совет во март се позитивни, а француските експерти се оптимисти дека Макрон ќе ја крене рампата за почеток на преговори за членство во ЕУ на Македонија и Албанија.
Кристијан Лекен – експерт од Институтот за политички науки во Париз, во интервју за „ТВ24“, вели дека по објавувањето на новата методологија е променета перцепцијата во Франција во однос на европроширувањето, за разлика од октомври кога Македонија и Албанија добија црвено светло.
Според него, позитивен извештај од Европската комисија веројатно ќе значи позитивна одлука и отворање на преговорите веќе на следниот Европски Совет, но токму поради тоа што ЕУ, односно ЕК на 5 февруари ја усвои новата методологија, по која би преговарале Македонија и Албанија. Тоа било важен услов за Франција, додава Лекен.
Скептицизмот кон европроширувањето, пак, кај европските политичари потекнува од претходните проширувања на ЕУ, како во случајот со Унгарија и Полска, кои откако станаа членки не го почитуваат владеењето на правото, анализира Лекен.
Истовремено, истакнува тој, постои и стpaв кај европските граѓани од проширување на европското семејство. Од тие причини, ако Македонија добие датум за преговори, референдумот за влез во Унијата во Франција најверојатно ќе се одржи откако ќе завршат преговорите, за да се остави простор и време ставот кај француските граѓани да се промени во позитивна насока, истакнува Лекен.
„Кога зборуваме за претседателот Макрон, знам дека не сте најсреќни за него, по одлуката да не се отворат преговори. Но дајте да ви кажам, дека ако не биде реизбран во 2022 година, личноста која може да биде избрана ќе биде многу полоша за процесот на проширување, затоа што таа личност веднаш ќе го промени курсот во насока дека проширувањето значи поголема миграција и поголема конкуренција“, вели Лекен. Повеќе ТУКА.