Франција не попушта, Холандија може да ја поддржи, Османи во вонредна мисија за датумот во Брисел

Франција не го прифаќа компромисот на Финското претседателство со ЕУ, односно Северна Македонија да добие формален датум за почеток на преговорите, па во меѓувреме да се менува методологијата во процесот на преговори, објави „Телма“, повикувајќи се на владини извори. Франција останува на ставот прво да се реформира самиот пристапен процес – пред сѐ, да стане реверзибилен (затворените поглавја да можат одновно да се отвораат ако земјата кандидат назадува на тоа поле), а дури потоа да се започнуваат преговори.

Како што пренесе МИА, Париз бара и дополнителни докази за борбата против корупцијата и независноста на судството во Албанија и во Северна Македонија, а решавањето на статусот на СЈО и предметите постојано ги враќа на маса во дискусиите со европските партнери. Иако постои напредок во судските реформи и борбата против корупцијата во Северна Македонија, „важно е исто така да видиме конкретни пресуди на веродостоен и објективен начин”, бара Франција, велат француски дипломатски извори.

Обид за компромис ќе има и утре меѓу министрите за надворешни работи, за да се избегне префрлањето на досието на ниво на премиери и претседатели, што би ги зголемило шансите на лидерско ниво Франција да влијае и на други земји членки да ја поддржат во блокадата. Како една од нив, која би можела да биде солидарна за Франција да не биде сама кочничар, е и Холандија (многу подетално за расположението околу датумот – ТУКА).

Во меѓувреме во Брисел е министерот за надворешни, а последниот воз на одлучување ќе се обиде да го фати и вицепремиерот за евроинтеграции – Бујар Османи.

 

- Реклама -