Во последните денови голем број француски градови забранија носење на Буркина на плажите.
Буркините претставуваат посебна облека за пливање што го покрива целото тело и главата. Одлуката на локалните власти беше поддржана и од премиерот Мануел Валцер, според кого носењето на Буркина „не е компатибилно со вредностите на Француската република“.
Сé започна минатата недела, кога стана јасно дека градоначалникот на Кан, Давид Лиснер издал наредба на крајот на јули, со што им забранува до крајот на август на жените да носат „Буркина“.
Овој тип на костим за капење, кој жените ги покрива целосно, со исклучок на рацете од зглобовите надолу, стапалата и лицето, стана тренд кај традиционалните муслиманки, кои сметаат дека на тој начин можат пристојно да пливаат.
На прекршителите им се заканува парична казна во износ од 38 евра.
Лиснер пак, тврди дека Буркината е „симбол на исламскиот екстремизам“ и „непочитување на моралното и секуларното општество“. Неговиот пример го проследија уште две места во Франција – Вилнев Лубе и Корзика.
На прв поглед оваа забрана е поврзана претежно со тероризмот, особено имајќи ги во предвид неодамнешните напади во Париз, Ница и северозападна Франција. Овие напади доведоа до воведување на вонредна состојба во земјата што е предвидено да трае до јануари 2017.
Сепак забраната и изјавите на оваа тема се практично последователна демонстрација на француските стравувања од муслиманите – стравувањето често се применува во однос на телата на жените и особено – на облеката.
При колонизацијата на Алжир од Франција (1830-1962), слична загриженост се забележува во начинот на кој француските колонисти се однесуваа кон забулувањето на Алжирските жени.
Генерал Тома-Робер Бужо, главен гувернер на Алжир во 40-тите години на XIX век бил прочуен со зборовите: „Арапите нé избегнуваат, бидејќи ги кријат жените од нашиот поглед”.
Некогаш француската колонијална политика во Алжир се концентрираше на „цивилизирана мисија“, која цели да ги асимилира граѓаните на колонијата и да ги направи “Французи” и “Французинки” кои имаат заеднички јазик, историја и идеологија како колонизаторите.
Една од водечките цели на тогашната мисија била да се принудат алжирските жени да го фрлат превезот.
За речиси 5 милиони муслимани кои живеат во Франција во XXI век, оваа цивилизациска мисија продолжува и кон неа се додаваат и ставовите за laïcité (секуларизам), пишува Џоан Скот во книгата “Политиката на превезот”:
Laïcité значи разлика помеѓу црквата и државата преку државна заштита на граѓаните од религиозни барања. (Во САД, за разлика од француските принципи, секуларизмот значи заштита на религиите од мешање на државата.)
И така, во Франција државата е заштитена од религијата, додека во САД религијата е заштитена од државата.
Муслиманите кои повикуваа за верски права, од типот на правото да носат шамија или превез на главата, соодветно се соочуваат со тешка борба во француските судови.
Судот во Франција традиционално решава во полза на асимилацијата и секуларизмот, кога станува збор за облеката на муслиманските девојки и жени.
Во 2004-та беше изгласан закон со кој се забранува носење на облека што ја покрива главата во државните училишта.
Законот од 2011-та забрани никаб (целото лице да биде затворено со превез) на јавни места. Овие закони беа изгласани и покрај фактот дека многу мал процент од француските муслиманки носат никаб.
Француските муслимани често се чувствуваат нападнати при гласањето на овие закони.
Францускиот социолог Оливие Рој изјави ја „Дојче Веле“ дека забраната на никаб, на пример, создава кај “луѓето од муслиманско потекло, верници и не-верници … чувство на притисок и напад против исламот како религија”.
Последиците од тоа чувство на отуѓеност од француското општество не придонесуваат особено за стремежот на Франција кон безбедност.
Како што забележува муслиманка интервјуирана од BBC за забраната на Буркината: “Оваа забрана само ги вооружува оние кои сакаат да регрутираат доброволци за откачена идеологија”.
Три жени, поддржани од Организацијата за борба против исламофобијата во Франција (CCIF) ја оспорија на неколку судови наредбата за Буркина, но судот во Ница ја поддржа забраната.
Адвокатот на CCIF изјави дека ќе поднесе жалба. Во меѓувреме друг град по француската ривиера, Вилнев-Лубе, и град во Корзика – Циско, објавија слични забрани.
Сепак Буркините изгледаат незапирливи, барем на економски план, меѓу муслиманското мнозинство, како и во западните земји.
Буркината и други слични “покриени” облеки стекнуваат популарност во последните години, со тоа што продавници од ваков вид на Marks and Spencer и етикети од високата мода како DKNY и Dolce & Gabbana ги имаат како дел од своите понуди.
Трошоците на муслиманките за облека се очекува да забележат раст од 82% во 2019 (во споредба со 2013), достигнувајќи 484 милијарди долари.
Според Ахеда Занети, поддржувачка на Буркината, меѓу 35 и 45 проценти од порачките не доаѓаат од муслимани.
„Веќе имаме продажба низ целиот свет”, изјави таа за Newsweek. „Кога ги забрануваат … тоа само ги прави работите подобри за мене. Луѓето едноставно ги купуваат уште повеќе”.