„Фрагментирани реалности“ е насловена изложбата на мултимедијалниот уметник Страхил Петровски која ќе биде отворена вечерва во двата салони на Културно информативниот центар Скопје со почеток во 20 часот. Куратор на изложбата е историчарката на уметност, Маја Чанкуловска Михајловска. Љубителите на уметноста ќе можат да ја разгледаат продукцијата на Петровски, создадена изминатава година која вклучува просторна инсталација, дела на хартија и ready-made објекти и видео инсталација поставени во двата во салони.
– Проектот пред сè е моја субјективна реакција и рефлексија на она што ми (ни) се случува во ова проблематично и турбулентно време (и години наназад), време на конфликти, од секаков тип, политички превирања и разлики. Време на изместени вредности, бескрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос кој речиси секогаш е неповратен, време на кризи и војни кои влијаат на виталноста на целата планета. Во тој контекст изложбата нема за цел да ги реши проблемите, туку да генерира прашања, проблеми на свеста и совеста, да ги истражи основните вредности на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), слободата, напредокот, цензурата, самоцензурата – преминувајќи во фрази кои се спротивставуваат на овие принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото, пишува уметникот Петровски.
Тој го претставува своето наталожено искуство и став за влијанието на колективната и особено лична одговорност. Во проектот, уметникот експериментира и се изразува преку делата фотографија и видео како медиуми кои имаат повеќеслојно значење, иницираат прашања и нудат различни толкувања на размислите кои се однесуваат на егзистенцијалното, при тоа позиционирајќи се себе си како автор и ангажиран критичар на реалноста на современото општество. Петровски годинава се претстави со просторна инсталација и перформанс „Гласови“ во синагогата во Братислава, Словачка со о фотографската и видео инсталација „Мементо мори“; во Уметничката галерија во Куманово. Наредниот месец ќе излезе и публикацијата од проектот од минатата година „Синергија во времето“, поставен во Велес.
Кумановецот Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Завршил постдипломски студии по сликарство на Факултет за ликовни уметности во Скопје, член е на ДЛУМ и ИКОМ. Ова е негово 20-то самостојно претставување, а изложувал во европски и светски метрополи и во државата. Работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје.