Во внатрешноста на малата црквичка се изложени повеќе икони, некои од нив многу стари, други понови, но сите го имаат најдено своето место во светилиштето кое е многу почитувано од локалното население и се чува со исклучително внимание. Таму наидовме и на една од најневообичаените икони со ликот на Исус.
Оттаму, патот нѐ одведе во блиската „Голема Богородица“, каде што се организираат верските прослави во Ново Село. Црквата има голем двор, а во него се наоѓа и училиштето во кое некогаш предавал учителот Гоце Делчев. За жал, во моментов таа се реновира, па не бевме во можност да го доловиме полниот сјај. Вредно е да се спомене дека во времето кога Гоце ја вршел должноста учител, под објектот бил направен тунел, кој поминувал под патот и кој се користел за бегство од патролите на Османлиите.
Откако ќе влезете од некој од повеќето влезови во дворот на црквата, таму ќе ве пречека некоја чудна атмосфера, која е резултат на спојот на повеќето култури. Очигледно е влијанието на Османлиите врз архитектурата на објектот, кој многу веројатно бил пренаменет во минатото за некоја друга цел. Но, тоа ни малку не ја намалува неговата убавина, туку напротив, ја зголемува мистиката.
Тука некаде решивме да направиме пауза и за миг да побегнеме од големите жештини, па се упативме кон центарот на Штип, за мало освежување. Таму забележавме дека и старите и разрушени згради имаат климатизација, што е за поздравување!
Седнавме во најскапиот паб во градот. Она што мора да се истакне е дека покрај одличната услуга и гостопримството, сите цени се барем 30% пониски од Скопје и веројатно два пати пониски од најскапиот град на светот, Охрид. Нормално, никој не е совршен, па ни Штип не е имун на генијалните преводи на англиски.
Оттаму, тргнавме во потрага по црквата „Св. Илија“, која е скриена во една од многуте ридски населби во Штип. По многу вртење и промашени улички, дојдовме до бараното место. Помисливме дека сме го промашиле, затоа што ни наликуваше на џамија, но потоа сѐ ни стана јасно. Црквата била изградена одамна, но кога дошле Османлиите, поради одличната локација, ја претвориле во џамија.
Столбовите со традиционалната исламска зелена боја и шарени сводови сведочат за времето кога светилиштето со сила било преуредено. Подоцна, биле направени модификации назад кон традиционалниот изглед на црквата (главно во внатрешноста која во мигов не е достапна за јавноста, како и кратењето на минарето), а ова што денес стои високо во средината на градот е нешто помеѓу, една комбинација на културите. Верниците што доаѓаат, палат свеќи во вдлабнатините направени во предниот ѕид, од почит за древната црква. Скаличките што се наѕираат од отворот на некогашното минаре можеби водат до некоја тајна одаја, но ние одлучивме да не ризикуваме оваа фоторепортажа никогаш да не дојде до вас.
Нормално, ниту една посета на Штип не би била потполна без да се посети древната тврдина
Исар, која се наоѓа на истоимениот рид.
Покрај тоа што во Штип бевме поздравени од неколку фанови на 365.com.mk, го сретнавме и Петар кој ни се придружи на искачувањето на Исарот, понудувајќи се да ни раскаже нешто повеќе за тврдината и за градот. Можеби најинтересно од сѐ е прославата на Младенци, на 22 март, што секоја година се одвива токму таму.
На тој ден, сите штипјани се качуваат на тврдината, каде што се одржува панаѓурска прослава. Обичајот е да се земат 40 камчиња (поради симболиката со четириесетте маченици) и 39 од нив да се фрлат по ридот од спротивната страна, кој се спушта до реката. Последното камче се става в џеб и вечерта се остава под перницата. Со негова помош, се вели дека младите ќе го сонуваат оној со кого подоцна ќе стапат во брак.
Рака под рака со овој обичај оди и оној кој налага да се поздравите со 39 луѓе, а со четириесеттиот треба да се бацувате. Затоа, младите секоја година на 22 март на брзина се поздравуваат со 39 луѓе што први ќе ги здогледаат, а потоа тргнуваат низ гужвите, во потрага по оној што им се допаѓа.
Она што го гледате на фотографијата од Штип огреан од месечината, на самрак, некаде на средината од десната страна и што можеби ви наликува на патека од Формула 1, во градот е познато како Кинески ѕид. Тоа е градба што оградува празен простор, со масивни ѕидини, по кои има неколку стражарски кули. Истата му припаѓа на еден познат македонски лекар, а изградбата пред неколку години, покренала бројни шпекулации околу нејзината намена.
Штип можеби ви се чини како мало место, но она што нашата посета го потврди е дека сите убавини (видливи и скриени) не можат да бидат посетени за само еден ден. Токму затоа, доколку сакате да си поминете убаво, разгледувајќи ги древните убавини, во пријатна атмосфера со гостопримливи луѓе, ви го препорачуваме Штип за вашата прошетка.