Радожда е мало, погранично, рибарско село, 10 километри јужно од Струга. Местоположбата, бројните цркви, како и неверојатното опкружување се повеќе од доволна причина за да го посетите ова интересно место.
Радожда е мало, погранично, рибарско село, 10 километри јужно од Струга. Местоположбата, бројните цркви, како и неверојатното опкружување се повеќе од доволна причина за да го посетите ова интересно место.
Веројатно најинтересното нешто во Радожда се наоѓа уште на самиот влез во селото. Ако погледнете нагоре кон карпите, ќе ја видите малата пештерска црква „Св. Архангел Михаил“, во која најстарата откриена фреска датира уште од 13 век.
Пред да тргнете угоре по одлично направените скали, појдете во првиот рибен ресторан за да го земете клучот од црквата (се разбира, доколку веќе некој не е горе), без никакви дополнителни обврски, како што ќе ви кажат таму.
Ако не можете да се качите во еден здив до врвот на прилично стрмната карпа, не грижете се. На неколку места по скалестата патека се поставени клупи на кои можете да седнете за да земете здив и да се восхитувате на глетката.
Во разговорот со еден од жителите на селото дознавме дека црквата, иако е на место што порано било многу тешко достапно, била запалена од Турците, а потоа обновена некаде кон средината на 18 век.
Сепак, голем дел од фреските го преживеале палењето, вклучително и најстарата фреска изработена во 13 век, од светецот по кој црквата е именувана.
Откако ќе се искачите по последните, дрвени скали, доаѓате до влезот од малата пештерска црква, Св. Архангел Михаил. На ѕидот во кој гледа вратата се наоѓа и најстарата фреска од 13 век:
Фреските на таванот датираат од 14 век, а се изработени од мајсторите од охридската школа за фрескоживопис.
Штом ќе решите да излезете од малата и студена црква…
Штом ќе решите да излезете од малата и студена црква…
… и ќе застанете на одморалиштето пред влезот…
… одново ќе ве пречека фасцинантната глетка на езерото.
Смиреноста што таму можете да ја искусите е неспоредлива.
На само 2 километри јужно од Радожда, на самата граница со Албанија се наоѓа кампот Треска, кој бил во сопственост на истоимената фабрика, до нејзината пропаст. Сега, кампот е заглавен во стечајни процедури, оспорувања на сопственост и слични бирократски благодети.
Токму затоа наликува на град на духови.
Но, фактот што кампот е опустошен отвора одлична можност за оние кои сакаат мирни и слабо посестени плажи. Таму, водата е беспрекорно чиста, плажата е пространа и најчесто празна.
Плажата завршува со караулата, што значи дека е многу веројатно оти ќе добиете сигнал од некој од албанските мобилни оператори. Внимавајте со опциите за роаминг, доколку го користите телефонот.
На оваа плажа, покрај тоа што ќе можете да се одморите, да уживате во чистата вода и при тоа никој нема да ви пречи, ќе можете да ѕирнете и во нашата соседна држава…
Затоа, ако се наоѓате во близината на Охридското Езеро, обидете се да одвоите еден ден за посета на овие места. Сигурно нема да се разочарате.