Пројфелскиот Водопад се наоѓа во горниот тек на Длабока Река, а извира од Корабска Порта, недалеку од највисокиот врв во Македонија – Голем Кораб (2764 м). Водопадот е највисок на Балканот, но постои само во пролетните и летните месеци кога се топи снегот од Кораб.
На 4 јуни, 2011 година, мала група планинари и ентузијасти, организирани од планинарското друштво „Трансверзалец“ се упати кон Пројфелскиот Водопад. Имавме среќа да се најдеме меѓу нив, па така нешто по 8 часот бевме на земјениот пат кон село Нистрово. Но, како што обично бива во нашата мила Македонија, компанијата за превоз ги прецени своите можности и моравме да пешачиме по дополнителни 4 километри во двата правци.
Погледот по долината на реката, во насоката во којашто требаше да изодиме околу 15 километри ни кажа дека времето нема да биде сјајно. Сепак, до последен миг останавме непоправливи оптимисти.
Наместо по патот од левата страна на реката, низ селата Нистрово и Жужње, кадешто минува стандардната патека до водопадот, овојпат одевме низ селото Бибај (кое некои го сметаат за маало на Нисторово).
И тука некаде започна нашата авантура. Додека водачите се договараа точно каде треба да се сврти, вашиот фоторепортер и неговиот пријател Мартин храбро тргнаа напред. При доаѓањето до првиот крстопат, тргнавме надолу, затоа што тој пат најмногу нè асоцираше на реката. Тоа не се покажа баш најточно, но веќе беше доцна.
По некое време, патеката по којашто некој одел едноставно престана да постои. За среќа, во групата се најде еден поискусен планинар со GPS уред којшто ни кажа дека треба да се стигне до врвот на планината на којашто сме. Па тргнавме нагоре, попатно збогувајќи се со селото Нистрово, на спротивната страна од реката.
Искачувањето по Попова Ливада се покажа како доволен предизвик. Одевме по влажен терен со висока вегетација, на моменти се среќававме со непроодни места што мораше да бидат заобиколени, но по некое време, успеавме да истераме до горе по стрмната падина.
На Попова Ливада за првпат застанавме да земеме здив и да го почекаме остатокот од групата којашто ја повлековме во една необична авантура.
Небото веќе ни навестуваше што ќе се случи подоцна во текот на денот. Но, никој не се надеваше дека тоа ќе биде толку страшно…
По Попова Ливада, на патот кон врвот, мораше да се помине низ неколку густи шуми во кои се чини дека одамна никој не поминал. Се протнувавме низ гранки, корење, трње, почва што пропаѓаше со секој следен чекор. На крајот, некако успеавме да се пробиеме.
Одеднаш излеговме на една мала ледина опколена со шума од сите страни. Тоа повторно беше искористено за мал одмор и консолидирање на групата. Веднаш се постави и прашањето – колку сме изгубени? Одговорот беше – не многу.
Оттаму остана уште многу малку пат низ шумичките, до врвот Пралуга, на 1670 метри надморска височина. Од врвот веќе убаво се гледаа врвовите Рибничка Скала и Кукул.
Потоа патот продолжи низ далеку попроодната шума под Рибничка Скала, во насока на Кобилино Поле. Групата значително се развлече и поради бавното темпо ни преостануваа уште 2 до 3 часа пешачње до целта.
Попатно, шумата решава да направи пауза, за да остави место за формирање еден од оние снежни јазици. Сеќавајќи се на непријатностите од минатиот пат, решив дека што си е сигурно – сигурно си е, па го заобиколив снегот од долната страна.
Со новостекната пријателка, Тања, повторно избрзавме во шумата и повторно ја поведовме групата по едно непријатно и престрмно искачување, на доста лизгав терен. Но, најважно беше што успеавме да стигнеме до патеката под врвот Кабаш, од каде што за првпат го здогледавме врвот Голем Кораб, највисоката точка во Македонија.
По падините на Кораб се формираат бројни водопади од снеговите што се топат во овој период од годината, но до оној најважниот, Пројфелскиот Водопад, имаше уште еден час пешачење.
Го здогледавме водопадот во истиот миг кога започна да роси. Тоа предизвика поделеност во групата. Најголемиот дел гласаа да се вратиме назад, за да го избегнеме невремето што се насетуваше. Десетина луѓе се решивме да продолжиме до крајот, по секоја цена.
Полека пристигнавме на Кобилино Поле, пред Пројфелскиот Водопад и во тој момент умерениот дожд престана на неколку минути, доволно колку да се фотографираме, да се преоблечеме и да јадеме. И токму кога мислевме дека нè чека лежерно враќање, започна невремето.
Пороен дожд што не престана во следните 4 часа, силни ветрови што ги тераа капките в лице и најстрашното од сè – силни грмотевици. Од таа точка, до најблиската шума имаше најмалку еден час одење, што значеше дека се најдовме во безизлезна ситуација.
Не ни преостануваше ништо друго освен да го пуштиме чекорот најмногу што можеме и да се надеваме дека ниту еден гром нема да удри блиску до нас. Брзината на одењето дополнително беше ограничена од теренот што стануваше сè полизгав во деловите покриени со вегетација, а на деловите на коишто имаше патека се насобираа барички во кои моравме да газиме.
Во следните четири часа водевме битка за спасување, поминувајќи по места кадешто претходно имаше патеки, а нè пречекаа мочуришта. Но, за целото тоа време внимававме на тие крај нас, внимававме некој да не заостане, си помагавме меѓусебно – онака како што обично се случува кога ќе се најдете среде возбудлива авантура.
На крајот од денот, кога веќе го здогледавме селото од коешто тргнавме и дождот престана да паѓа, бевме бескрајно среќни што сме живи и што ќе можеме да ви донесеме уште едно делче од мозаикот наречен – убавините на Македонија. И сè така до некоја следна авантура…