Демир Хисар е град во југозападниот дел на Македонија, но и име на пошироката ридско-планинска област која крие бројни убавини, а е и од исклучително значење за македонската култура и историја. Токму затоа, логично беше откривањето на убавините на нашата земја да продолжи токму таму.
Ако некогаш постоел ден што не се познавал по утрото, тоа беше вчерашниот, неделен ден, кога по дождливото време тргнавме на пат со организаторите од Скопско туристичко лето, проектот на Балканија. Речиси половина од пријавените патници не се појавија на договореното место, поради временските услови, но подоцнежните случувања покажаа дека има зошто да зажалат.
Додека времето сè уште беше намуртено, пристигнавме во првото од неколкуте села планирани за оваа прошетка, селото Бабино. Според легендата, кога Римјаните за првпат ја освоиле оваа територија, започнале со праксата на истребување на машкото население, со цел полесна асимилација и колонизација. Речиси сите жени од селото со малите дечиња побегнале во планините и таму живееле десетици години. Кога се вратиле да го обноват селото, сите веќе биле баби.
Таму веднаш се упативме кон библиотеката „Алби“ во чиј библиотечен фонд се наоѓаат многу ретки и вредни примероци од книги, печатени од Дамаск па сè до Виена, со различна старост почнувајќи од раниот 19-ти век. Меѓу најзначајните примероци за светската култура е една од најстарите копии на „Куранот“ напишана на поархаичен арапски јазик, кој претставувал потешкотија дури и за мароканските теолози што неодамна ја посетиле библиотеката.
Во библиотеката што годишно прима и по 50 илјади гости од целиот свет, а е организирана со минимални финансиски средства, има голем број книги, весници и документи значајни за македонската култура, меѓу кои се и првите изданија на весникот „Нова Македонија“, првата копија од „Волшебното самарче“, но и една многу значајна книга со фотографии од Првата светска војна, направена од непознат германски фото репортер.
Во неа не само што е претставен културниот и етничкиот диверзитет на земјата уште во тоа време, туку на корицата јасно е истакнато во која земја работел репортерот. Доколку се наоѓате во близина или пак се интересирате за културното наследство на земјата, но и светот, тогаш топло ви препорачуваме да се упатите кон Бабино и оваа извонредна библиотека.
„Од таму си од кајшто ти се гробиштата“ напиша Петре М. Андреевски во романот „Небеска Тимјановна“. Ние отидовме во селото Слоештица, родното место на еден од најголемите македонски писатели и поети, за да го посетиме неговото вечно почивалиште. Прво во очи ни падна училиштето, кое функционира со само неколку дечиња, на половина од зградата недостигаат прозорци, но затоа има интернет на сред село, секако, со нефункционално копче за скролање.
Петре М. Андреевски е погребан во истиот гроб во кој се наоѓаат и коските на Велика од романот „Пиреј“. При поставувањето на новата надгробна плоча и бистата, мајсторите некако успеале да го искршат стариот гроб. Деловите сега се фрлени малку потаму.
Следно село во коешто се упативме беше славното Смилево, родното место на Даме Груев и, очигледно, местото каде што се чува првото BMW на Балканот.
Во ова прекрасно, а и доста раздвижено село, се наоѓа музеј со спомен соба од Смилевскиот конгрес, мигот кога е донесена одлуката за отпочнување на Илинденското востание, еден од најзначајните мигови во македонската историја.
Во музејот се наоаѓаат голем број артефакти, фотографии, реплики итн. Спомен собата сосема добро ја доловува атмосферата на одминатото време, кога на ова место се носеле одлуки за иднината на земјата.
По крајот на Илинденското востание, сите куќи во Смилево биле запалени, како одмазда за организацијата.
Единствената куќа што останала била куќата на Павле Илија Тодоровски, во делот што денес смилевќани го нарекуваат старо Смилево.
Јас се решив да ја побарам таа куќа, па по инструкциите од љубезниот куратор на музејот, се искачив на ридот, во стариот дел од селото и успеав да ја пронајдам. Денес вака изгледа куќата што е изградена уште некаде во средината на 19 век:
Оттаму се упативме кон манастирот во селото Слепче. Се верува дека овој топоним (на неколку места низ Македонија), води потекло од малкуте ослепени војници од војската на Самуил кои преживеале и се населиле во селата. Интересно е што во овој манастир има куче со работно време.
Манастирскиот комплекс изгледа импозантно и е вистинска дестинација за оние што се во потрага по мир. Фотографирање во внатрешноста на објектот е забрането.
Паузата за ручек ја искористив за разгледување на рибникот „Бабино“. Природата беше прекрасна, во комплексот слободно се шетаа две диви свинчиња, имаше и срнички, пауни, зајчиња, неколку кученца и многу, многу риби…
{vimeo}25959632{/vimeo}
Пред враќањето кон Скопје свративме и до селото Железнец, именувано по ридот богат со железна руда, во чие подножје се основано. Таму се наоаѓаат изворите на Црна Река, вклучително и најголемиот, Црна Дупка.
Строго магаре црква чува
Патувањето по овој прекрасен дел од Македонија заврши со заоѓањето на сонцето. Речиси сите се вративме со насмевка на лицето и желба за некоја наредна дружба со убавините на нашата земја.