Британските активисти бараат владата на Велика Британија да го дефинира фотографирањето под женско здолниште (познато како „upskirting“, од skirt – здолниште) како сексуален деликт. Во моментов тој акт не е класифициран како кривично дело.
Во Велика Британија од 2015-та година наваму се регистрирани 11 пријавени случаи, пренесува BBC. Сепак, се верува (па и се знае) дека бројот на случаи е многу поголем. Фотографирањето под здолниште се случува на голем број јавни места и настани, вклучително и ноќни клубови, продавници и ресторани. Обично се прави со мобилни телефони, а најчеста мета се младите жени.
Активистите, заедно со огромен дел од британската јавност, го кренаа гласот откако се покажа дека најмладата жртва во пријавените случаи е 10-годишно девојче.
Досега полицијата во ваквите случаи ги товареше прекршителите со други кривични дела. Но активистите сметаат дека е потребна построга законска рамка, и дека тоа би помогнало да се реши или барем намали обемот на проблемот.
Марија Милер, претседателка на Одборот за еднаквост на жените, се согласува. Вели дека треба да се направи многу повеќе во насока на решавање на ова „ужасно кривично дело“ (нејзини зборови). Таа истакнува дека обидот за фотографирање под здолниште претставува грубо кршење на приватноста, и претставува потенцијален чин на непристојност. Поригорозна правна рамка би помогнала во решавање на проблемот, смета таа.