За време на одржување на маратонот, улиците по кои ќе се движат тркачите ќе бидат затворени за сообраќај, а дел од автобусите на ЈСП „Скопје“ денеска до 14 часот ќе возат по изменет сообраќаен режим, но ќе има и линии што воопшто нема да сообраќаат во претпладневните часови
Рекордни 13 400 натпреварувачи од 55 земји денеска го трчаат 20. издание на „Визер скопски маратон“.
Сите натпреварувачи тргнаа од стартната точка пред Собрание, но зависно од должината на трката се упатија во различни правци. Тркачите на маратонската, полумаратонската и штафетната трка тргнаа во правец кон Католичка црква, а тркачите на трката „Комерцијална Банка“ на пет километри тргнаа во правец кон Црвен Крст.
Целта на сите трки ќе биде на плоштадот „Македонија“.
За време на одржување на маратонот, улиците по кои ќе се движат тркачите ќе бидат затворени за сообраќај, а дел од автобусите на ЈСП „Скопје“ денеска до 14 часот ќе возат по изменет сообраќаен режим, но ќе има и линии што воопшто нема да сообраќаат во претпладневните часови.
Од ЈСП „Скопје“ велат дека денеска до 14 часот нема да сообраќаат линиите: 3, 3Б, 4, 4А, 9, 16, 22А, 24, 25, 59Б.
Со непроменета траса, пак, ќе бидат градските линии 2, 2А, 8, 12, 19, 20, 45, 59 и 65В.
Автобуси што ќе возат со изменет сообраќаен режим се на линиите: 5, 7, 15, 15А, 21, 22, 23, 27, 28, 31, 41, 51, 67, 70, 50, 50А, 57, 59, 59А, 58, 58А и 58Б.
Исто така, од ЈСП информираат дека денеска до 17 часот целосно ќе биде затворена за сообраќај улицата „Димитрие Чуповски“, во делот од крстосницата со улицата „Даме Груев“ и улицата „11 Октомври“ кај ГОБ „Св. Наум Охридски“ до крстосницата со улицата „Даме Груев“ кај Трговскиот центар „Палома Бјанка“.
Во овој период, возилата од јавниот градски превоз, како што информираат од претпријатието, ќе сообраќаат по улицата „Даме Груев“, позади Собранието.