(ФОТО+ВИДЕО) Гори кај Богданци, но ЦУК уверува дека не се загрозени фирми и населени места

Според командирот на доброволното противпожарно друштво од Валандово кој е на местото на пожарот, таму постојано се слушаат детонации од неексплодирани убојни средства од Втората светска војна, што е голем безбедносен проблем при гаснењето на пожарите

Фото: ЦУК

На социјалната мрежа Х се објавени видеа од пожар за кој во објавата се вели дека е во близина на Богданци и дека гори борова шума. На видеата се гледа голем облак од чад и пламени јазици што се издигаат високо.

„Зошто многу малку, скоро ич денес не се зборува за пожарот кај Богданци? На Телма не го ни спомнаа. Дали е мал пожар? Цела борова шума изгоре. Цела вечер гореше. Видеата се од пред еден саат“,

стои во објавата.

„360 степени“ се обрати до Центарот за управување со кризи (ЦУК), од каде што ни објаснија дека во дневните извештаи овој пожар се води дека е во близина на селото Фурка, каде што и избувнал, и затоа не се спомнува Богданци. Но поради ветрот, огнот ја менува насоката на горење и создава нови краци што зафаќаат и други предели, покрај атарот на Фурка.

Фото: ЦУК

Подоцна, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, објави видео на кое вели дека се наоѓа во близина на еден крак од овој пожар. Рече дека огнот во моментот не загрозува ниту едно населено место.

„Не ги загрозува ниту двете плинари што се наоѓаат во близина на Богданци, ниту бензинската пумпа во близина на Богданци, но предизвика голема вознемиреност кај локалното население“,

рече Ангелов.

Со Ангелов беше и командирот на доброволното противпожарно друштво од Валандово, Ѓорѓе Илиев, кој рече дека два дена го гаснат овој пожар што зафатил и дел во близина на ветерниот парк кај Богданци. Вториот ден се развил кракот кај селото Фурка.

Фото: ЦУК

„Ние точно видовме дека почнува пожар од една нива во близина на селото Фурка. Пожарот тргна од празна нива, дали беше стрниште оттаму не можевме да видиме, но нивата многу брзо изгоре. Имаше ветер со брзина од околу 20 километри на час“,

рече Илиев.

Многу се трудевме, но не можевме да му дојдеме до крајот, раскажа Илиев и додаде дека немаат соодветна опрема и добра обука за пожари на отворен простор.

„Засега овој пожар не загрозува населено место, но површината што е зафатена е голема. Оваа површина гореше и пред две години. Сега има висока и сува трева и гори многу брзо“,

додаде тој.

Илиев рече дека на местото на пожарот постојано се слушаат детонации од неексплодирани убојни средства од Втората светска војна. Со Ангелов се согласија дека тоа е голем безбедносен проблем при гаснењето на пожарите.

Претходно денеска тука се дејствувало со неколку хеликоптери, но, како што рече Ангелов, поради силниот ветер и густиот чад морале да се повлечат.

- Реклама -