(ФОТО) Сите луѓе на Мицкоски во новата влада

Поранешни и актуелни пратеници, министри, градоначалник, спортист, актер и патолог се меѓу предлозите на мандатарот за 15 позиции во новиот владин состав

Како што и се очекуваше по изборниот исход, на контото на ВМРО-ДПМНЕ одат најмногу министерски позиции, меѓу кои и клучните места поврзани со безбедноста, финансиите и надворешната политика.

Партискиот лидер и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски, вечерва ги соопшти имињата на неговите предлози за министри во новиот владин состав.

ВМРО-ДПМНЕ добива 12 позиции, додека по едно место добиваат три партии од коалицијата која на изборите настапи под слоганот „Твоја Македонија“. Сите четворица потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ ќе раководат со владин ресор.

Во продолжение, предлозите на Мицкоски за министри и нивните досегашни ангажмани.

  • Александар Николоски – вицепремиер и министер за транспорт и врски. Тој е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието во повеќе мандати.
  • Владо Мисајловски – министер за одбрана. И тој е актуелен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, како и поранешен министер за транспорт и врски.
  • Гордана Димитриеска-Кочоскаминистерка за финансии. Таа е актуелна потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ и, како што кажа Мицкоски, негова дамнешна соработничка од ЕЛЕМ.
  • Тимчо Муцунскиминистер за надворешни работи и трговија. Тој е актуелен потпретседател на партијата и градоначалник на Општина Аеродром.
  • Златко Перински – министер за локална самоуправа. Извршувал повеќе партиски функции, а беше и директор на скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“.
  • Стефан Андоновски – министер за информатичко општество и дигитална трансформација. Тој е секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада.
  • Борко Ристовски – министер за спорт. Поранешен ракометар и репрезентативец, член на ВМРО-ДПМНЕ.
  • Сања Божиновска – министерка за енергетика, рударство и минерални суровини. Таа е актуелна членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, за која Мицкоски кажа дека е експертка во областа на енергетиката.
  • Цветан Трипуновски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тој ја води партиската комисија за земјоделство и е актуелен дополнителен заменик-министер во ресорот како дел од техничката влада.
  • Зоран Љутков – министер за култура и туризам. По професија е актер, а е и актуелен претседател на Советот на Општина Велес.
  • Панче Тошковски – министер за внатрешни работи. Тој е адвокат и ја извршуваше функцијата министер за внатрешни работи во техничката влада.
  • Весна Јаневска – министерка за образование. Таа е професорка на Медицинскиот факултет, вработена во Институтот за патологија и поранешна пратеничка во Собранието.
  • Љупчо Димовски – вицепремиер одговорен за политичкиот систем. Тој е претседател на Социјалистичката партија, поранешен министер за земјоделство и пратеник во неколку мандати.
  • Иван Стоиљковиќ – вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците. Тој е претседател на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеник во Собранието.
  • Шабан Салиу – министер без ресор кој ќе биде задолжен за интеграција на Ромите. Тој е ексдиректор на Дирекцијата за заштита и спасување и поранешен пратеник.

Мандатарот Мицкоски за утре ги очекува официјалните предлози од коалицијата „Вреди“, како и од партијата ЗНАМ, по што во вторник до Собранието ќе го достави комплетниот предлог за новиот владин состав, како и владината програма.

„Граѓаните имаат големи очекувања. Идната влада мора да биде слуга на граѓаните, не смееме да ги разочараме. Јас сум убеден дека ќе успееме во тоа“,

изјави Мицкоски по вечерашните седници на Извршниот и Централниот комитет на партијата на кои беа утврдени предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за членови во новата влада.

- Реклама -