(ФОТО) Шведската амбасадорка: ЕУ солидарноста на дело, два авиона од Шведска се вклучија во гаснењето на пожарите

Откако Македонија повторно побара помош од Европската Унија за гаснење на пожарите кои цел месец беснеат низ цела држава, Германија и Шведска мобилизираа по два авиони од флотата на ЕУ кои се наменети за справување со пожарите

Два авиона од Шведска денеска се вклучија во гаснењето на пожарите низ земјава. Авионите се дел од меѓународната помош обезбедена со ЕУ механизмот на цивилна заштита, а заедно со македонските „ертрактори“ денеска оперираа од Охридското Езеро.

Фото: Икс

Веста на социјалната мрежа Икс ја сподели шведската амбасадорка Ами Ларсон Џејн.

Откако Македонија повторно побара помош од Европската Унија за гаснење на пожарите кои цел месец беснеат низ цела држава, Германија и Шведска мобилизираа по два авиони од флотата на ЕУ кои се наменети за справување со пожарите, додека, пак, од Чешка, Словенија и Србија беше испратен по еден хеликоптер, соопшти денеска Европската комисија.

Еврокомесарот за справување со кризи Јанез Ленарчич изјави дека брзата реакција на Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија е солидарност на ЕУ во пракса, заблагодарувајќи им се на сите земји членки кои испратија помош.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, попладнево изјави дека има девет активни пожари на територијата на Македонија.

Еден од најтешките пожари е на Осоговските Планини, кој беснее на територијата на Општина Пробиштип, во атарот на селото Зеленград. Овој пожар се одвива на исклучително недостапен терен.

Тежок пожар има и во атарот на селата Тажево и Брезница, кон Јасен, кој се одвива неколку дена на тешко пристапен терен.

Ангелов: На Илинден беснеат девет пожари, силите ги прилагодуваме на моменталната состојба

- Реклама -