(ФОТО) Почна поставувањето на металната ограда околу владината зграда

На седницата одржана во вторникот Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) да започне постапка за враќање на оградата околу владината зграда

Денеска започна поставувањето на металната ограда околу зградата на Владата која претходно беше отстранета – објави директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, посочувајќи дека се постапува согласно претходно добиеното владино задолжение.

Металната ограда околку зградата на Владата чие поставување започна денеска / Фото: Фејсбук-профил на Ивица Томовски

Томовски посочува дека поради неадекватно чување, неколку дена пред да биде поставена околу владината зграда, оградата е репарирана.

„Досега се користеше старата и дотраена железна ограда во сопственост на МВР која е нерепрезентативна и нефункционална. Вратите на Владата остануваат отворени за граѓаните, а оградата наместо да скапува на складиште ја добива својата функција“,

пишува директорот на СОЗР во објавата на Фејсбук.

Металната ограда околку зградата на Владата чие поставување започна денеска /
Фото: Фејсбук-профил на Ивица Томовски

На седницата одржана во вторникот Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) да започне постапка за враќање на оградата околу владината зграда поради, како што посочија, постоењето на нефункционална и нерепрезентативна ограда во сопственост на МВР која досега го опкружуваше објектот.

Металниот дел од оградата пред владиниот објект беше отстранет во февруари 2019 година кога премиер беше Зоран Заев. Од оградата тогаш останаа само белите бетонски столбови, чие отстранување тогашната власт рече дека би чинело многу пари. Според тогашните најави, оградата требаше да се пренамени во нешто друго, како настрешници или клупи.

Зградата на Владата беше оградена со метална ограда во 2015 година кога објектот доби и нова барокна фасада. Според информациите од медиумите од тој период, таа чинела околу 700 илјади евра.

- Реклама -