ФОТО| На Охридско лето музичко патување низ земјите на Јужна Америка


Виножитниот спектар на латино ритмови вчеравечер беше прикажан на Долни Сарај, на концертот што по повод 64. роденден на фестивалот „Охридско лето“ го одржаа членовите на салса оркестарот „Меркадонегро“.

Музичкото патување низ земјите на Јужна Америка, со презентација на музика и песна од државите и краиштата од каде доаѓаат уметниците го следеше и претседателката на државава, Гордана Силјановска-Давкова . Таа заедно со публиката играше и се восхитуваше на уметниците кои со својата надареност ја доловија уникатната посебност на салсата.

Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, вели дека и 64. роденден на фестивалот како и впрочем целото фестивалско издание досега ги оправда очекувањата на публиката, но и на стручната јавност.

„Годинешново издание изминува во знакот на истакнати домашни и светски уметници, исполнети гледалишта, задоволна публика и бројни пофалби, како од стручната јавност, така и од уметниците кои се дел од програмата. Посебно сум горда на поддршката која ја добиваме од Амбасадите во Република Северна Македонија. Огромно е задоволството, по 64-ти пат, да посакаме да ни е вечен фестивалот „Охридско лето“. Нашата одговорност е голема и предизвикувачка – да го сочуваме она што го втемелија бројни генерации пред нас, но и да ја збогатуваме културната понуда која изминативе 64 години го издигна Охрид не само како духовна, туку и како културна престолнина“, вели Поповиќ.

Роденденскиот концерт на фестивалот „Охридско лето“ секоја година на 4 август е посебно изненадување и по традиција нуди доживувања малку поинакви од вообичаените фестивалски содржини. Токму на овој ден во далечната 1961 година, оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ го одржа првиот концерт на фестивалот со што и започна магијата наречена „Охридско лето“.

- Реклама -