(ФОТО) Масовни протести по поплавите во Валенсија – се бараат оставки од регионалните власти

Организаторите на протестите побараа одговорност од властите на регионот Карлос Масон по поплавите кои ги одзедоа животите на 223 лица

Неколку илјади граѓани на Валенсија организирани од околу 40 граѓански организации и синдикати излегоа на протести на улиците од градот барајќи одговорност од локалните власти по минатонеделните поплави во кои загинаа 223 лица.

Организаторите на протестите повикаа на ненасилен протест барајќи точни информации за причините за поплавите и лошиот менаџмент на локалните власти. Дополнително, отворена е сметка на која се собираат средства за семејствата на настраданите.

Ден по поплавите, шпанскиот крал Фелипе Шести и неговата сопруга, кралицата Летиција, се соочија со гневни демонстрации при посетата на Валенсија. Насобраните почнале да фрлаат кал и да ја навредуваат кралската двојка, но и премиерот Педро Санчез, кој бил во нивна придружба. Скандирајќи „убијци“ и „оставка“, демонстрантите барале одговори зошто ништо не е преземено за да се избегне трагедијата во која загинаа повеќе од 200 лица.

Кралската двојка се обидела да разговара со граѓаните и сакала да ја продолжи посетата, но набрзо била опкружена од обезбедувањето кое ги спречило граѓаните да им се приближуваат дополнително.

Поплавите што ја погодија Шпанија во минатиот вторник, се едни од најтешките од 1996 година, кога 87 луѓе загинаа како последица на поројниот дожд кој погоди камп на Пиринеите.

Поплавите, како што оценува „Гардијан“, се едни од најсмртоносните што ја погодиле земјата во последните три децении. Силните дождови во погодените региони донесоа порои вода која се прелеа низ улиците во повеќе градови и села, поради што голем број луѓе останаа заробени во своите домови, а има и големи оштетувања на патната и на железничката инфраструктура. 

- Реклама -