Со оглед дека последниве години од 2014-та наваму заокружуваат 100 години од Првата светска војна, во јавноста како да се враќа интересот за настаните од тој период.
Бранот медиумски известувања, и особено интересот на социјалните мрежи, кулминираа токму околу фотографијата што ја гледате погоре, наречена „Два куршума судрени во воздух“. За неа се зборуваше на Твитер, Фејсбук, Imgur, и Reddit. Главната премиса зад сликата е дека двата куршума се судриле некаде попат на својата траекторија, така спасувајќи ги животите на двајца борци… и така натаму, и така наваму, и други слични луди теории.
Сепак, при подетална инспекција, станува очигледно дека куршумот од лево веројатно не бил ниту испукан, и дефинитивно не се движел со брзина на куршум. Тоа се гледа по отсуството на траги од спиралните жлебови какви што има во цевката на секое оружје, траги кои кај куршумот од десно се лесно забележливи.
Судирот е факт, да, само што куршумот од лево веројатно стоел некаде на ременикот (оној појасот со куршуми што се става преку рамо) на некој од австралиско-новозеландските војници, кои исто така учествуваа во освојувањето на Галиполе. Ако не е тоа, тогаш се работи за некаква друга бизарна причина, ама дефинитивно не за куршуми што се сретнале среде лет.
А ако веќе зборуваме за пробушени куршуми во мирување, еве многу подобра фотографија: британски шаржер со четири куршуми, сите пробушени од еден германски.
Но ако бараме фотографија од вистински момент кога се судриле два куршума во лет, има и таква: Од Битката кај Петерсбург, позната како „The Crater“, од Граѓанската војна во САД (1861–1865 година). Додуша, овие „куршуми“ летале многу побавно, а битката се одвивала на многу помало растојание.
Сеедно, сликата „Куршум во куршум“ останува да биде интересна, најмногу заради приказната што ја крие зад себе, а која засекогаш ќе остане мистерија.
Инаку, од Битката кај Галиполе има и други примери на „куршум во куршум“. Овие, на пример, се дел од нечија приватна колекција во Турција.