Фото историја: Гебелс, неколку моменти откако сфаќа дека фотографот е Евреин

Во септември 1933 година, фотографот на магазинот LIFE – Алфред Ајзенштед патува во Женева за да ја документира средбата на Лигата на народите. Една од политичките фигури присутни на средбата е и Јозеф Гебелс – нацистичкиот министер за пропаганда и еден од најпосветените помошници на Хитлер, подоцна низ историјата познат по неговиот хомицидален антисемитизам.

Ајзенштед пак, бил Евреин со германско потекло. Гебелс ова не го знаел, па фотографот успеал да направи доста фотки на кои нацистот е насмеан и во добро расположение.

Но нешто подоцна, откако во меѓувреме Гебелс дознал за вистинското потекло на Ајзенштед, и кога фотографот се вратил да побара уште еден портрет од министерот за пропаганда, го чекал многу поинаков израз на лицето. Наместо насмевка, Гебелс ќе упати поглед кој до ден денес е познат како „Очи на омразата“ (eyes of hate).

Од една страна, приказнава предизвикува лутина заради неверојатно глупата причина за таквата реакција на Гебелс (иако нели, не е ништо во споредба со неговите подоцни „реакции“ кон Евреите), но од друга – ова е приказна со хепиенд.

Фотографијава стана една од најпознатите на Ајзенштед, веднаш по таа од 14 август 1945, на која еуфоричен американски морнар бакнува медицинска сестра во Њујорк, прославувајќи ја капитулацијата на Јапонија, неколку месеци откако Гебелс се самоуби.

 

- Реклама -