(ФОТО) Големи протести во Израел, се бара примирје со Хамас и ослободување на израелските заложници

Протестите започнаа откако утринава беше објавено дека се пронајдени телата на шест заложници кои беа заробени од борците на Хамас на седми октомври минатата година

Голем број на демонстранти вечерва излегоа на улиците во повеќе израелски градови со барање до премиерот Бенјамин Нетанјаху и израелската влада да започнат преговори за прекин на огнот со Хамас за да се ослободат преостанатите заложници во Појасот Газа кои се заробени речиси една година. Најголемиот израелски синдикат „Хистадрут“ во обид да изврши притисок врз владата свика генерален штрајк кој ќе стапи на сила веќе од утре. Очекувањата се дека со штрајкот ќе се нарушат главните сектори на економијата, банкарството, здравството но и туризмот.

Фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN

Проценките се дека на улиците на Ерусалим и Тел Авив има околу десет илјади Израелци, а многумина од нив веќе пристигнале пред пред канцеларијата на Нетанјаху во Ерусалим од каде му порачаа дека тој е виновен што не успеал да ги врати живи заложниците чии тела беа пронајдени утринава оти не постигнал договор со Хамас за нивно ослободување.

Фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN

Условите на Хамас за ослободување на преостанатите заробеници е прекин на војната, повлекување на израелските сили од Појасот Газа како и ослободување на голем број палестински затвореници, меѓу кои има и милитанти од висок профил.

Тие го обвинуваат Нетанјаху дека не успеал да ги врати живите заложниците бидејќи не постигнал договор со Хамас за нивно ослободување и завршување на војната.

Фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN

Претходно денеска и министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант му порача на Нетанјаху да склучи примирје со Хамас за да се ослободат преостанатите заробеници и побара од Советот за национална безбедност веднаш да се состане и да ја повлече одлуката за задржување на војниците од израелската армија во коридорот „Филаделфија“ вдолж границата со Појасот Газа.

Нетанјаху вети дека ќе ја продолжи војната додека Хамас не биде уништен и рече дека е потребен воен притисок за да се вратат заложниците дома. Критичарите го обвинија Нетанјаху за застој во разговорите за прекин на огнот и дека ги става неговите лични интереси пред оние на заложниците.

- Реклама -