(ФОТО) Филипче на прва координација со пратеничката група на СДСМ

Со оваа средба, посочуваат од СДСМ, се означува почетокот на новото политичко делување на партијата, кое во Собранието ќе биде силно и организирано

Откако и официјално ја презема претседателската функција во Социјалдеморкатскиот сојуз на Македонија од екслидерот Димитар Ковачевски, новиот партиски лидер Венко Филипче денеска го одржа првиот редовен координативен состанок со пратеничката група на СДСМ во Собранието.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на првиот координативен состанок со пратеничката група на партијата

Со оваа средба, посочуваат од СДСМ, се означува почетокот на новото политичко делување на партијата, кое во Собранието ќе биде силно и организирано.

„Нашиот примарен фокус е да ја обновиме довербата кај граѓаните, а пратениците на СДСМ да бидат вистински претставници на граѓаните во Собранието. Согласно моите ветувања пред членството, секој од пратениците ќе има редовни средби со граѓани во изборните единици од каде ја добија довербата и ќе биде во постојан контакт со потребите на луѓето. Преку канцелариите на пратениците и редовните средби со граѓаните, ќе осигураме дека политиките и предлозите на СДСМ ќе бидат во тесна врска со потребите и очекувањата на граѓаните“,

рекол новоизбраниот лидер на СДСМ на координативниот состанок со пратеничката група на партијата во Собранието. 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на првиот координативен состанок со пратеничката група на партијата

На средбата со пратеничката група на социјалдемократите, новиот лидер разговарал и за актуелните законски решенија кои ги предлага Владата и предлозите на кои работи СДСМ и кои ќе ги достави во Собранието. Во соопштението во кое информираат за состанокот, од партијата посочуваат дека ќе делуваат конструктивно и будно ќе ја следат работата на Владата и законите кои таа ги предлага.

Претходно денеска Венко Филипче во партиското седиште во Скопје и официјално ја презеде претседателската функција на СДСМ од својот претходник Димитар Ковачевски.

Филипче беше избран за нов претседател на СДСМ на внатрепартиските избори на 30 јуни. Од излезените нешто над 12 илјади партиски члена, Филипче доби 9 052 гласа.

- Реклама -