ФОТО | Џезот доби нови млади слушатели во општина Кисела Вода

Со музика во живо и интеракција меѓу професионалните музичари и децата, денес во паркот „Шопен“ официјално започна десеттиот јубилеен фестивал „ДЕНЕС СЕ СÈ ЗА ЏЕЗ“. Националниот џез оркестар, во соработка со Општина Кисела Вода, првиот ден од фестивалот го посвети на младите преку работилницата „ЏЕЗ ЗА ДЕЦА“.

Учениците од основните училишта во Општина Кисела Вода, како и сите деца кои се приклучија на оваа отворена музичка дружба, добија шанса да се запознаат со џез-културата. Откривајќи го овој музички правец, кој UNESCO го признава како универзален симбол на слободата, дијалогот и заедништвото, најмладите учеа преку слобода и креативност.

На настанот присуствуваше и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, која нагласи важноста на децентрализацијата на културата и едукацијата за новите генерации.

Прочитајте и:  „Мизар“ одржува специјален јубилеен концерт во рамките на манифестацијата „Денови на Крали Марко“

„Вклучувањето на децата во ваквите иницијативи е директна инвестиција во нивното културно формативно образование. Џезот не е само музика, туку и форма на изразување која поттикнува креативност и слобода на мислата. Општина Кисела Вода останува силен партнер и поддржувач на квалитетни уметнички проекти кои ја едуцираат публиката и создаваат вистински културни вредности“, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

И оваа година, Скопје потврдува дека е важен дел од глобалната мрежа од над 190 земји кои активно го слават џезот. Фестивалот продолжува, а целта да се едуцира нова генерација слушатели е веќе остварена.