Формирано „Здружение за промоција на македонска култура во Полска“

На 25ти Ноември, во просториите на Волскиот центар за култура во Варшава, се одржа инагуративниот настан по повод формирањето на „Здружението за промоција на македонска култура во Полска“,регистрирано под името (на полски јазик) „ Stowarzyszenia Kultury Macedońskiej w Polsce.“
На настанот беа презентирани краткорочните и долгорочните цели како и структурата на самото здружение од страна на претседателот на здружението г-динот Горан Шутиновски. Со поздравен говор пред присутните се обрати и в.д. амбасадорот на Македонија во Полска, г-динот Илија Псалтиров.

Програмата продолжи со проекција на два краткометражни филмови, „Долу од рајот“ во режија на Саша Станишиќ и „Ќе му се јавам на татко ти“ во режија на Леонид Ристов. Со музичка точка настапи „Ансамблот за песни и танци при Економскиот универзитет во Варшава“, со изведба во живо на неколку полски народни песни, а посебно за оваа пригода, и на големо воодушевување на присутните, Ансабмлот ја изведе македонската песна „Македонско девојче“, испеана на македонски јазик, напишана и компонирана од македонската музичка легенда Јонче Христовски.

Во изложбениот простор на културниот центар имаше и поставка на авторски урбани фотографии од Скопје и Варшава на г-динот Даниел Анастасов, пот-претседател на Здружението, како и изложени македонски орнаменти од приватните колекции на некои од членовите на здружението. Изложено беше и достапно на продажба двотомното издание „Македонија 1 и 2“ според Јозеф Обрембски“ во редакција на Ана Ангелкин, Јоана Рексас и Илија Упалевски од Институтот за етнологија во Варшава.

Следуваше неформалниот дел во бифето на културниот центар каде што присутните имаа прилика да дегустираат вкусна македонска храна како и вината од винаријата Далвина.
При настанот, голем дел од гостите изразија интерес да се приклучат и зачленат во здружението и веруваме на градење на солидно членство во месеците што следуваат.

За Здружението:
Здружението за промоција на македонска култура во Полска е непрофитна невладина организација, чија примарна мисија е да ги обедини Македонците кои живеат во Полска, да гради пријателски полско-македонски односи, да ја промовира македонската култура, уметност, јазик и да ги доближи до сите оние кои сакаат да ја запознаат Македонија.

ЦЕЛИ за кои се залага Здружението:

  1. Промоција и поддршка на македонската култура, јазик, образование, наука, историја, уметност, традиции, музика и обичаи.
  2. Градење пријателски полско-македонски односи и негување контакти и соработка во услови на мултикултурно и разновидно општество.
  3. Обезбедување информативна помош и поддршка на Македонците во Полска.
  4. Соработка и реализација на заеднички проекти со Македонци и Полјаци во Полска и во странство, како и поддржувачи и пријатели на широко ценетата македонска култура.

Музички настап

- Реклама -