Фолксваген сака да затвори најмалку три фабрики во Германија

Според работничкиот совет на Volkswagen во Германија, популарниот производител на автомобили има намера да затвори најмалку три фабрики и да укине десетици илјади работни места во земјата. Фабриките кои се соочуваат со вишок капацитет се предвидува да ги намалат своите капацитети и платите.

„Управниот одбор на Volkswagen (VW) планира да затвори најмалку три фабрики во Германија“, изјави претседателката на работничкиот совет на компанијата, Даниела Кавало, на информативната средба со вработените во Волфсбург, пренесува ZDF.de.
Кавало додаде дека сите преостанати фабрики ќе мора да ги намалат своите капацитети. Раководството на компанијата сега ги информираше претставниците на вработените за овие планови.
Според работничкиот совет, особено загрозена е фабриката во Оснабрик, која неодамна го загуби очекуваниот нов договор со Porsche. Кавало истакна дека администрацијата планира масовни отпуштања и процени дека десетици илјади работни места се загрозени. Цели сектори би можеле да бидат затворени или преместени во странство.
Работнички совет: „Ниту една фабрика не е безбедна“
„Сите фабрики на Volkswagen во Германија се засегнати од овие планови. Ниту една од нив не е безбедна!“, рече Кавало, без да даде дополнителни детали.
Volkswagen вработува околу 120.000 лица во Германија, од кои половината се во Волфсбург. VW има вкупно десет фабрики во Германија: шест се наоѓаат во Долна Саксонија, три во Саксонија, и една во Хесен.
Во септември, VW го раскина договорот за безбедност на работните места, кој беше на сила повеќе од 30 години. Од средината на 2025 година, можно е отпуштање на работници од деловни причини.
Намалување на платите за 10 проценти
Раководството на Volkswagen и синдикатот IG Metal ќе се сретнат на 30 октомври за вториот круг преговори за колективниот договор. Веќе во првиот круг во септември, VW ги отфрли барањата на IG Metal за зголемување на платите од седум проценти, инсистирајќи на штедење, но без прецизни детали.
Според Кавало, VW сега бара намалување на платите за десет проценти и замрзнување на платите во следните две години. На почетокот на септември, VW најави дека не ја исклучува можноста за затворање на фабрики и отпуштање работници.

Извор