“Фолклорно- класична симбиоза” на “Танец” во Националната опера и балет

Играорците на фолклорно музичкиот ансамбл „Танец”, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет преку изведбата на „Фолклорно- класична симбиоза” ги раскажаа приказните на богатото фолклорно минато на земјава. Повеќе од 130 учесници на сцената ги изведоа македонските орски и вокални мелодии обмислени во ново и раскошно руво.

– Идејата се роди во еден неформален разговор со директорот на Македонската опера и балет. Ја видовме сликата целосно и се сложивме да направиме проект што ќе го промовира македонското авторство и пред се македонскиот продукт. Го реализиравме за прв пат на 27 септември и излезе една прекрасна приказна која што луѓето кои беа присутни сакаа да ја видат повторно. Ние секоја година имаме традиционален концерт, но репертоарски ете оваа година се одлучивме за класично- фолклорна симбиоза со која што во иднина планираме да ги освоиме државите кои што ни се во соседството заедно со НОБ – вели Мартин Вучиќ од “Танец”.

Различни се доживувањата на публиката на сите концерти на Танец, вели Вучиќ.

– Овде сме навикнати и очекуваме фантастичен перформанс, нешто што веќе еве 75 години се случува на оваа сцена, а надвор е тоа нешто што е ново, а за тие што е ново е па и уште по возбудливо. Ако ние се радуваме на овие изведби овде после толку години, можете да замислите како го доживуваат тоа странците – вели Вучиќ.

Покрај многуте проекти, годинава за Танец ќе остане секако запаметена по “Фолклорно класична симбиоза”. За следната најавуваат многу нови концерти и премиери со кои ќе се одблежи 75 години постоење на овој ансамбл.

- Реклама -