Флорида започнува десетдневен лов на питони


Ловот на инвазивниот вид бурмански питони започна во петокот на Флорида, а ловците ќе поделат награден фонд од 30.000 долари, пишуваат американските медиуми.

Годишниот десетднев лов, кој започна пред една деценија, се одржува во мочуриштата на националниот парк Еверглејдс и има цел да ја подигне јавната свест за инвазивните видови.

„Тие се многу добро вкоренет инвазивен вид во поголемиот дел од јужна Флорида, за жал, и во нашите природни резервати“, рече Сара Фанк, портпаролка на Одделот за зачувување на екосистемот на Флорида.

Бурманскиот питон потекнува од југоисточна Азија и стана вистински проблем откако се појави на Флорида во 1980-те години. Американската влада го забрани неговиот увоз во 2012 година. Негов плен се кучиња, мачки, птици, верверици, зајаци, па и помали крокодили.

„Огромен дел од овој предизвик е да се осигураме дека луѓето ќе го разберат овој проблем и ќе разберат дека странскиот вид присутен во земјата не треба да биде ослободен од која и да е причина, бидејќи може да направи голема штета на нашата животна средина“, додаде таа.

Годинава за лов се пријавиле над 600 лица. Од нив 110 пристигнале од други сојузни држави, јавуваат американските медиуми. Целта на настанот е да се убијат што повеќе питони на „хуман начин“, а наградата е поделена на три групи: професионални ловци кои работат за државата, ловци активни во војската или воените ветерани, како и ловци аматери.

- Реклама -