Филозофија на булшитот

bullshit-post

Луѓето треба да ја бараат и негуваат вистината, бидејќи вистината всушност кажува какви се нештата. За нас е важно да препознаеме какви се нештата, а не да се преправаме дека се нешто друго, бидејќи кога ја знаеме вистината, знаеме каква е реалноста; кога не ја знаеме вистината, ние сме слепи за реалноста.

Живееме во ера на безброј активности во кои вистината баш и не се цени. Уште повеќе, живееме во ера кога активно се работи на нејзино порекнување. Живееме во ера во која постои друга алтернатива за реалноста. Живееме во ера на БУЛШИТ (во превод: „гомно од бик“ [што и не е битно во контекстов]).

Хери Франкфурт е американски филозоф и автор на бестселерот на New York Times со наслов „On Bullshit“. Неговата теорија беше зачната во форма на есеј уште пред 30 години, ама денес е релевантна повеќе од било кога. Франкфурт и филозофијата на булшитот се занимаваат со прашања како: што е булшит, зошто го има толку многу, и како може да се покаже како поголем непријател на вистината дури и од лагата.

Според филозофот, булшит има во толку големи количини затоа што луѓето зборуваат. Кога луѓето не зборуваат, не ги плаќаат. Адвертајзерите сакаат да продадат, политичарите сакаат да ќарат гласови – сé тоа е океј, ама за да го постигнат тоа, тие најчесто се во позиција да зборуваат за нешта што не ги разбираат. А кога немаат нешто валидно да кажат, тие зборуваат нешта што сметаат дека би ѝ биле интересни на публиката, на начин што да изгледаат дека знаат што всушност зборуваат. Тоа што излегува како резултат е, погодивте, булшит!

Булшитерите се креативни, не се потчинети. Нив не им е важно каков е светот, нив им е важно каков тие лично сакаат да го презентираат дека е. Срањето подразбира поинвентивен и поавантуристички однос кон реалноста, што понекогаш резултира и со по нешто интересно, забавно, нешто во што може да се ужива; ама генерално – е многу опасно.

Зошто? Да ја разгледаме лагата. Лагата настојува да ја сокрие вистината. Тоа го прави на начин што заменува дел од вистината (или целата) со нешто што е невистина. Булшитот, од друга страна, не се обидува да ја скрие вистината, туку да го манипулира слушателот. Ако упали – добро, ако не упали – пак добро. Булшитот е индифирентен кон вистината, на начин на кој лагата не е.

Друга и поважна причина заради која Хери Франкфурт смета дека булшитот е поголем непријател на вистината од лагата, е затоа што булшитот многу потешко се детектира. Лагата се однесува на специфичен потег и може да биде откриена, изнесена на виделина. Булшитот пак, е многу поопшт и границите помеѓу него и вистината се поизбледени. Кај булшитот е потешко да посочиш со прст дека тоа и тоа не чини, и да го идентификуваш делот кој е подложен на приговор. Политичарите лажат, а од тоа произлегува булшит. Кога се фатени во лага, имаат голема комоција, затоа што не постои кореспондентен одговор на срањето. Нема негово наоѓање, нема негово откривање.

Денес булшитот е отворено прифатен, го сметаме за нормален. Прифаќајќи го, го поткопуваме респектот за вистината и реалноста. На пример, живееме во ера кога на нешто што е научно востановено од 99.8% од научниците, политичарите се дрзнуваат да му дадат поинаква конотација и да го отфрлат како научна вистина; како што е проблемот со климатските промени, кои дел од американските политичари ги класифицираат како религиско прашање. Тие и слични на нив политичари едноставно ја одрекуваат вистината, класифицирајќи ја како лага. Проблемот со булшитот е што таквите постапки на политичарите, иако се блиску до тоа да бидат лаги, всушност се резултат на просто незнаење и непознавање на проблематиката.

Дека сме во ера на срањето зборува токму фактот што научната вистина веќе ја нема истата тежина што ја имала некогаш и лесно е отфрлана и без аргументи. Тоа е опасноста на булшитот – негрижа за вистината. А вистината е и треба да е темел на едно општество.

Од друга страна, булшитот е и навредлив. Се однесува како да сака да ја скрие вистината, но всушност ја заменува. Затоа треба будни да го следиме и да го одбиваме секогаш кога ќе го сретнеме.

Хери Франкфурт смета дека светот без булшит би бил многу поубав и поинтересен. да, во таков свет можеби би биле малку носталгични за креативната искра на булшитерите, но затоа тоа би бил свет исполнет со фасцинација и со чудо кон реалноста. И во таа смисла – светот би бил многу подобар.

- Реклама -