Министерот Венко Филипче „апсолутно демантира“ дека разрешувањето на директорот на Центарот за јавно здравје – Арбен Зибери, има политичка заднина и е поврзано со кампањата за прв премиер Албанец, каде кандидат на ДУИ е неговиот чичко – Насер Зибери.
„Апсолутно сакам да го демантирам тоа. Разрешувањето следи после неговата изјава во однос на работата на Комисијата, со што сметам дека го поткопа угледот на членовите на Комисијата за заразни болести коишто целиот овој изминат период работеа водејќи се од професионални принципи. Одлуките коишто ги носеа беа исклучиво врз основа на медицинската наука, на епидемиологијата, и сметам дека апсолутно никој не смее да политизира или да добие политички поени на едно такво сензитивно прашање“, рече Филипче на денешната заедничка прес-конференција со министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски, одговорајќи на новинарско прашање.
Во тој контекст, Филипче додаде дека ова не е прво разрешување:
„Во целиот овој изминат период, во којшто практично целокупниот здравствен систем е целосно посветен на решавање на проблемите коишто произлегуваат од кризата со Ковид-19 вирусот, имаше и други разрешувања. Тројца директори беа претходно разрешени, овој е четврт. Нема да дозволам никој да ја политизира оваа работа, стручната работа на Комисијата за заразни болести. Нема да дозволам никој политички да поентира, затоа што овие луѓе четири месеци секојдневно практично без прекин посветено работат сѐ со цел да се заштити здравјето на граѓаните во целата земја“, рече Филипче.