Филипче: Вакцинирани се 37% од вкупното население и очекуваме интересот да расте, вакцини има доволно

Според анализите на Институтот за јавно здравје, епидемиолошка состојба во моментов е таква што кривата се наоѓа во фаза на плато, што значи еднаков број новодијагностицирани случаи – односно околу 500 новозаразени за 24 часа, повеќе денови наназад, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Како што истакна, со ваквите бројки, нема никаков притисок врз болниците; се зголемува бројот на слободни кревети во Интерните клиники, на Инфективната клиника, како и во неколку болници во државата.

Филипче потенцираше дека бројот на прегледи на Инфективната клиника, што е најголемиот репер, се движи некаде околу 50-тина дневно, повеќе денови наназад.

„Денеска е надмината бројката од 700 илјади граѓани кои се ревакцинирани. Иако интересот се намали, сепак има одредена бројка од 1500 до 2000 граѓани на ден кои се јавуваат за прва доза вакцина. Верувам дека интересот нема да се намалува, туку дека и натаму ќе расте со цел за што пократко време постигнеме одреден степен на колективен имунитет. Барем една доза вакцина примиле 74 проценти од граѓаните од возрасната група над 70 години, 65 проценти над 60 години, 60 проценти над 50 години, 55 проценти над 40 години и 31 процент од 18 до 39 години. Од вкупното население опфатот со вакцинација е 37 проценти“, информираше министерот.

Вакцини има доволно, уверува тој, посочувајќи дека вчера пристигнаа над 100 илјади вакцини од „Фајзер“ преку COVAX и дека со тоа на располагање се околу 250 илјади вакцини на „Фајзер“, 50 000 вакцини на „Синовак“ и околу 100 вакцини од производителот „Астра Зенека“.

Филипче откри и дека очекуваат деновиве Данска официјално да објави дека ќе ни донира 250 илјади вакцини од производителот „Џонсон“, вакцина која има рок до 2023 година.

- Реклама -