Филипче: Пристапот на Владата околу вакцинацијата е успешен, потврда се бројките

„Бројот на починати лица кои се вакцинирани е навистина многу мал, што ја докажува ефикасноста на вакцината. Тоа е дека таа 20 пати го намалува ризикот од смрт“, изјави министерот за здравство – Венко Филипче.

Како што посочи тој, голем дел од починатите пациенти имаат придружни болести како карцином, нерегулиран дијабетес, срцеви заболувања, или биле подложени на повеќе хируршки интервенции.

Во однос на одлуката на ЕУ да ја стави Македонија на „црвената листа“ на земји во Европа, Филипче вели дека таа оди во прилог на политиката на овдешните власти да има што поголем број вакцинирани граѓани.

„Со тие сертификати за вакцинација нема никакви рестрикции – не се бараат ПЦР тестови, не е потребен ниту карантин. Тоа е доказ дека буквално целиот свет оди во тој правец, целосно да се нормализира животот и движењето на луѓето кои се вакцинирани“, истакна Филипче, додавајќи дека сите земји во светот сѐ повеќе ќе ставаат акцент исклучиво на вакцината.

Прочитајте и:  Филипче ѝ го честиташе изборот на Шекеринска: Уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ со членството во НАТО

Пристапот на Владата околу вакцинацијата, според Филипче, е успешен, а потврда за тоа, вели, се бројките и тоа што имаме најголем просечен раст на вакцинирани во регионот.

Според последните податоци од Министерството за здравство, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 728.628 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 5.486 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.037 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.267.666 дози вакцини, а ревакцинирани се 539.037 граѓани. Со последните бројки, 53 отсто од населението над 40 години има примено барем една доза вакцина.

Како што изјави Филипче, во поглед на опфатот со вакцинацијата по градови, највисок процент на вакцинирани има во Охрид, Кавадарци, Неготино, Ресен. Во Гостивар тој процент е прилично низок, околу 20 отсто, а најголем раст има во Тетово, каде изминатиов период опфатот на имунизацијата пораснал за 15 проценти.

- Реклама -