За највисоката функцијата во СДСМ кандидатура поднесе и Златко Ристевски од Битола, но, како што информираат од СДСМ, Комисијата констатирала дека неговата кандидатура не може да биде потврдена бидејќи не ги исполнува критериумите пропишани со статутот и правилникот
Ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски и актулениот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски и официјално се кандидатите кои влегуваат во трката за лидер на СДСМ, на внатрепартиските избори закажани за 30 јуни.
Од Социјадемократскиот сојуз на Македонија вечерва соопштија дека Централната изборна комисија на партијата ги разгледала поднесените кандидатури и ја утврдила единствената листа на потврдени кандидати за претседател на СДСМ.
„Врз основа на Статутот на СДСМ како и врз основа на Член 9 од Правилникот за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор, Централната изборна комисија утврди единствена листа на потврдени кандидати за претседател на СДСМ: Венко Филипче, Славјанка Петровска, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски“,
се наведува во соопштението на партијата.
Оттаму наведуваат дека редоследот на кандидатите е согласно времето на поднесување на кандидатурите.
Инаку, за највисоката функцијата во СДСМ кандидатура поднесе и Златко Ристевски од Битола, но, како што информираат од СДСМ, Комисијата констатирала дека неговата кандидатура не може да биде потврдена бидејќи не ги исполнува критериумите пропишани со статутот и правилникот.
„Вака утврдената листа од 4 кандидати ќе биде објавена на веб страната на СДСМ заедно со програмите на кандидатите и ќе биде доставена до сите Општински изборни комисии“,
се додава во соопштението на СДСМ.
Филипче, Петровска и Деспотовски своите кандидатури за внатрепартиските избори за претседател на СДСМ ги поднесоа во средата, додека Бајдевски својата ја поднесе во седиштето вчера, на последниот ден пред истекот на рокот за доставување на кандидатурите.
За тоа како ќе го вратат СДСМ на нозе, по тешкиот пораз на неодамнешните парламентарни избори четворицата сега и официјални кандидати говореа пред камерата на „360 степепи“ за магазинското издание емитувано вчеравечер на МРТ 1.
Постапката за кандидирање започна на 31 мај и трае до денеска. Право да поднесат претседателска кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите, меѓу кои, да имаат најмалку петгодишно членство во СДСМ и најмалку еднаш да биле избрани од партискиот конгрес за член на некој од органите на партијата.
Внатрепартиските избори во СДСМ се закажани на 30 јуни, а следуваат по оставката на лидерот Димитар Ковачевски, кој по поразот на двојните избори поднесе оставка заедно со раководството на партијата. В недела, на 9 јуни, социјалдемократите ќе одржат отчетен конгрес на кој ќе се анализираат причините за изборниот резултат.