Министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања дали би можел да се најде во реконструкцијата на Владата, вели дека
За реконструкцијата на Владата допрва треба да се разговара, но министерот за здравство и потпретседател на СДСМ – Венко Филипче, вели дека тој лично не се оптоварува дали ќе биде опфатен во процесот.
Според него, „треба да работи, да остане да работи тој којшто се пронаоѓа себеси во министерската работа, без разлика за кој ресор, тој којшто покажал резултати“.
„Евидентни се критериумите за успех во работата, и тоа го прави премиерот. Така што не се оптеретувам со тој дел. Сепак сме фокусирани во овој дел што е значајно менаџирање на ова што сега сите нѐ оптеретува, а тоа е пандемијата“, рече Филипче.
Тој додаде дека во тие политички процеси се разговара и со партиите за парламентарното мнозинство, така што, вели, тој процес ќе трае.
Вчера вицепремиерот за економски прашања, кој исто така е и потпретседател на СДСМ – Фатмир Битиќи, најави реконструкција на Владата со смена на шест до седум министри.
„Во нашето општество скоро е невозможно да имате премиер различен од претседател на носечката партија освен ако нема техничка или експертска влада. Сега следува консолидација на партијата и понатаму нов мандатар за нова влада. Сметам дека наскоро ќе добиеме ‘Заев 3’ влада, повторно предводена од Заев со тоа што ќе се сменат шест, седум министри. Мислам дека тој ни треба за да продолжат некои процеси“, изјави Битиќи.
Извор: МИА