Филипче: Не бегам од одговорност, но здравствениот систем е комплексен и мора да се менаџира

„Не бегам од одговорност и од прашањата. Секогаш сум достапен за кое било прашање и обид за дефокус нема, но здравствениот систем е комплексен и мора да се менаџира“, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој на прес-конференција во Клиничкиот центар ги соопшти бројките за најновата состојба со ковид-19 во државава.

Прашан во врска со модуларните болници, а по трагедијата во Тетово, Филипче рече дека надлежните потврдиле дека се проверени сите инсталации, струјата, канализацијата и дали персоналот се однесува согласно упатствата.

Тој повтори дека модуларните болници се концептот што го користи цел свет зашто овозможиле да се хоспитализираат сите ковид пациенти. И сега има огромен број пациенти кои се лечат во ваквите објекти.

„Модуларните болници се модел без кој ниту една земја не ќе можеше да ја менаџира кризата. Направивме 700 болнички кревети за помалку од два месеца. Алтернатива на тоа ќе беше италијанското сценарио, да нема луѓето каде да се сместат и да не може да им се помогне. Во ситуација на пандемија само модуларна болница е решение. За модуларната болница во Тетово нѐ известија дека се проверени сите инсталации, струјата, канализацијата и дали персоналот се однесува согласно упатствата. Сите потрдија дека сѐ е во најдобар ред“, рече Филипче.

- Реклама -