Министерот за здравство Венко Филипче задоволен што земјава е чекор пред СЗО во однос на препораката за носење на заштитни маски за лице на јавните места каде физичката дистанца е неможна или отежната. Обраќајќи се на Фејсбук, Филипче оцени дека препораката на СЗО е потврда дека властите во Македонија носат вистински одлуки за здравјето на граѓаните:
„СЗО со ажурирањето на упатствата со препораки препорача на владите во светот да инсистираат сите да носат заштитни маски за лице на јавни места каде постои ризик од пренесување на коронавирусот, за да се намали ризикот од ширењето на пандемијата. Оваа мерка веќе ја имплементираме кај нас, покрај физичкото растојание и честото миење на раце. Задоволен сум што носиме вистински одлуки за заштита на здравјето на нашите граѓани. Апелирам да продолжиме да ги почитуваме мерките и заеднички да придонесеме кон спречување на ширење на овој вирус“.