Филипче: Ќе следиме дали ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди подобра Преговарачка рамка за влез во ЕУ

Коментирајќи ја изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за подадената рака за соработка по прашањата од национален интерес, Филипче рече дека треба да видат што за ВМРО-ДПМНЕ е национален интерес, а дека тие се подготвени да разговараат за што било

Новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, вели дека ќе следат дали ВМРО-ДПМНЕ ги исполнува ветувањата од предизборието, меѓу кои, како што вели, беше и обезбедувањето поповолна Преговарачка рамка за зачленувањето во ЕУ од онаа што ја усвои Собранието на предлог на владата на социјалдемократите.

Според Филипче, пораките што секојдневно стигнуваат од меѓународните фактори се дека ниту Договорот од Преспа ниту Договорот за добрососедство со Бугарија не може да се менуваат.

„Има силни пораки од сите меѓународни фактори дека ниту Договорот од Преспа ниту Договорот за добрососедство со Бугарија може да се менува и тоа секојдневно го слушаме од САД, ЕУ, поединечни членки на Унијата. ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со огромен број на гласови меѓу другото и поради тоа што кажуваше дека ќе обезбеди поповолна преговарачка рамка за нас за почеток на преговорите“,

рече Филипче во вечерашното гостување во „Топ тема“ на телевизија Телма.

Филипче рече дека ќе ја следат ситуацијата за да се види дали тие ќе го испорачаат тоа ветување или не.

„Притоа ветуваа дека нема да го загрозат евроинтегративниот пат, а гледаме дека со отворање на старите рани, кои чекавме да се затворат повеќе од три децении, и тоа како е загрозен евроинтегративниот пат сега во моментот“,

додаде тој.

Коментирајќи ја изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за подадената рака за соработка по прашањата од национален интерес, Филипче рече дека треба да видат што за ВМРО-ДПМНЕ е национален интерес, а дека тие се подготвени да разговараат за што било.

Филипче рече и дека додека бил министер за здравство, му понудил на ВМРО-ДПМНЕ заеднички да работат на проектот за нов клинички центар, но тие го одбиле и го блокирале.

„Нема поголем проект од национален интерес во сферата на здравството, па и генерално, би рекол, од една нова болница, па ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што им беше понудено да го водат проектот преку контрола во Собранието и парламентарна група во којашто тие ќе имаат мнозинство, не го прифатија. Го блокираа и ние сега немаме нов клинички центар. Ако тој тогаш се прифатеше, сега веќе еден од блоковите ќе беше пуштен во функција. Ние сме отворени да разговараме за било што, но ајде да видиме за што конкретно треба да разговараме“,

рече Филипче.

Тој упати критики и за почетокот на работата на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Вреди“ и движењето ЗНАМ.

„Предлагаат проекти во енергетиката откако претходно блокираа други проекти коишто беа многу подобри и покорисни за државата. Го критикуваа проектот ‘Чебрен’ во којшто државата требаше да има 30 отсто сопственост, а сега кажуваат дека треба да имаме капацитет да го направиме сами, а не некој друг да го прави. Сега предлагаат проект во небазна енергија, во ветерни електрани, којшто го прави повторно странски инвеститор, во којшто државата нема никаква сопственост“,

додаде Филипче.

- Реклама -