Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја подигна втората пратка вакцини од производителот „Фајзер“ од донацијата од Србија од вкупно над 8 илјади вакцини. Како и првиот пат, предавањето на вакцините беше извршено на граничниот премин „Табановце“, каде Филипче го пречека неговиот српски колега Златибор Лончар. Тие двајцата лично ја претоварија кутијата од возилото „Ауди“, со кое беа донесени, во комбето од македонска страна.
„Исклучително ми е драго што сум денес овде. Она што ние денес го правиме е спроведување на договорот меѓу претседателот Вучиќ и претседателот на Владата на Северна Македонија – господинот Заев. Како што знаете, еден дел веќе пристигна, а денес го исполнуваме она што го ветивме – а тоа е дека денес донесовме 3.510 дози вакцина за граѓаните на Северна Македонија, што вкупно значи 8.190 дози за граѓаните на Северна Македонија“, изјави српскиот министер за здравство.
„Исклучително ми е драго што бевме во прилика да им помогнеме на нашите соседи, да им помогнеме на нашите пријатели. Еве министерот ми кажа дека вакцинацијата почнала, дека луѓето се вакцинираат, дека ќе продолжите и понатаму… Тоа е она што и ние го сакаме – да и вие бидете безбедни и вашите граѓани што помалку да се разболуваат. И тогаш кога вие ќе имате подобра ситуација, ќе имаме и сите ние во регионот. Тоа е нашата цел.
Ќе гледаме и во иднина да помагаме, ова е поздрав од сите граѓани на Србија, од претседателот Вучиќ, за сите наши пријатели и соседи во Северна Македонија. Сакам да ви порачам: Продолжуваме и понатаму“, рече Лончар.
„Најпрво благодарност до министерот Лончар. Овој чин на солидарност, којшто беше иницијатива на премиерот Заев и претседателот Вучиќ, еве сега се реализира и во втората фаза така како што беше најавено“, изјави Филипче.
„Ние, благодарение на овие вакцини од компанијата Phizer, започнавме со процесот на имунизација на здравствените работници во нашата земја и тој се одвива засега одлично, во една атмосфера на организација на еден пункт со шест места во Клиничкиот центар во Скопје. Досега се вакцинирани околу 1.300 здравствени работници и со динамика од меѓу 250-300 здравствени работници на ден продолжуваме и понатаму. Оваа количина на вакцини ќе биде доволна да се вакцинираат сите здравствени работници во нашата земја коишто се во приоритетната група/категорија за имунизација, а тоа се оние коишто од почетокот на кризата работат со пациенти заболени од ковид.
Уште еднаш, голема благодарност до министерот Лончар, целата српска Влада и српскиот народ за овој навистина убав чин на пријателство и добрососедство“, истакна министерот за здравство.