Филипче го обвини Мицкоски дека нема никаков план за ЕУ, тој му одговори: Ниту во сон не можете да го замислите тоа што сега се работи во Вашингтон, Брисел и во Виена

„Додека вие коленичевте и ја распродававте Македонија за провизиите кои што ги добивавте во Сингапур и Дубаи да извадите златна виза преку компанијата Стабри, ние работиме и ќе направиме сè што е потребно Македонија да ја извадиме на прав пат и да ја внесеме таму каде што и е местото, а тоа е Европската Унија. Сето она кое што вие го уништивте, наша задача и обврска е да го коригираме и бидете сигурни дека ќе го коригираме. Планот за ЕУ, откако вие го исплукавте и го уништивте, ние ќе се обидеме повторно да го вратиме во живот“, рече Мицкоски одговарајќи на прашањето на Филипче за планот на Владата за европските интеграции

Владата во своето досегашно делување ги погази сите ветувања што ги даде пред изборите и води безрбетна политика, изјави на денешната седница за пратенички прашања лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој го повика премиерот Христијан Мицкоски да си поднесе оставка.

„Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете ‘северна’. Па ајде премиере, еве сега е шанса, во Собранието да го вратите мандатот. Наместо тоа, вие и вашите министри на мала врата почнавте да го користите уставното име, а некои богами тоа и со гордост го изговараат. Со ова покажавте дека вашата политика нема никаков ’рбет, но тоа го знаевме. Вие, премиере, го редефиниравте политичкото лицемерие и популизмот. Вашиот ’рбет се свитка, а вашите принципи паднаа“,

порача Филипче.

Според него, Мицкоски целиот политички успех го базирал на противењето на Преспанскиот договор за кој велел дека е национално предавство, а откако станал премиер, го прогласил за ремек-дело на дипломатијата.

„Целиот ваш политички успех се базираше на противењето на Преспанскиот договор – договор за кој тврдевте дека е национално предавство. Вие реално и немате друга политика по која би ве паметеле освен носењето на маичките со големо НЕ за Преспанскиот договор. Но, откако седнавте во премиерската фотелја, истиот договор стана ‘ремек-дело на дипломатијата’. Го барате како пример за други договори и од неуморен противник, станавте најгласен поддржувач. Оваа дволичност и врвно политичко лицемерие треба да се изучува во книгите за манипулација со граѓаните“,

рече Филипче.

Тој нагласи дека владата нема никаков план за патот кон ЕУ и рече дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го запираат овој пат, наспроти сите досегашни влади кои работеле за европска интеграција на земјата.

„Повторно кажувате дека нешто разговарате и дека нешто се случува во Брисел или Вашингтон, но не кажувате што е тоа, ниту пак дали имаме некаква временска рамка. Од ’91 година до сега, ниту една влада во Македонија, немало, а да нè работи за Европа. Напротив, секоја влада во рамките на својот капаците и можности, го правела тоа и сега првпат, кога Европа е на дофат, Мицкоски и ДПМНЕ го запираат патот, којшто генерации наназад го чекаа и очекуваа“,

рече претседателот на СДСМ.

Премиерот Мицкоски му одговори дека владата се бори за националните интереси на државата и дека е на прав пат да ја внесе земјата во Европската Унија „каде што и е местото“.

„Додека вие коленичевте и ја распродававте Македонија за провизиите кои што ги добивавте во Сингапур и Дубаи да извадите златна виза преку компанијата Стабри, ние работиме и ќе направиме сè што е потребно Македонија да ја извадиме на прав пат и да ја внесеме таму каде што и е местото, а тоа е Европската Унија. Сето она кое што вие го уништивте, наша задача и обврска е да го коригираме и бидете сигурни дека ќе го коригираме. Планот за ЕУ, откако вие го исплукавте и го уништивте, ние ќе се обидеме повторно да го вратиме во живот“,

рече Мицкоски одговарајќи на прашањето на Филипче за планот на Владата за европските интеграции.

Тој оцени дека Македонија денес е горда и исправена држава и оти не е повеќе предмет за поткусурување и потсмев како што тоа било случај во последните седум години за време на владеењето на СДСМ и ДУИ.

Мицкоски посочи дека тоа што сега се работи во Вашингтон, Брисел и во Виена, претходната власт не можела ниту во сон да го замисли „и од таа работа која денес се прави ќе има резултати“.

„Планот е еден, а тоа е Европската Унија и се надевам дека еднаш ќе излезете од вашата партиска матрица и ќе му се извините на македонскиот народ и на граѓаните за сè што направивте во овие седум години, ќе се оградите од криминалните политики кои што ги водевте во  овие седум години, од срамните политики кои што ги водевте во овие седум години. Сето она кое што му го нанесовте како болка на народот, очекував од вас да ја искористите можноста овде денес пред говорницата и да се извините. Ја пропуштивте. Нема втора можност за прв впечаток, вашиот беше очаен“,

му порача Мицкоски на Филипче.

- Реклама -