Филипче бара санкции за прекршувањето на протоколите на концерот на Петар Грашо

Министерот за здравство Венко Филипче реагира на, како што вели, еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеја. Тој потенцира дека тоа е одговорност на организаторите на настаните и побара санкции за неспроведувањето на протоколите во конкретниот случај. Воедно, министерот потсети и дека јавното здравје е заедничка одговорност:

„Не можам да го премолчам еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеа во Битола. Комисијата за заразни болести и јас лично во текот на јуни имав неколку средби со организаторите на настани на кои заедно ги утврдивме сега веќе усвоените протоколи, а според кои меѓу другото, настаните се одржуваат единствено на отворено, со максимум 50% публика од предвидениот капацитет, задолжителна дистанца меѓу посетителите од 1,5 м, задолжително носење на маска и дезинфекција на раце и мерење на температура на влез за секој посетител.

Организаторот на настанот е должен да обезбеди задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на протоколите и наведените мерки, со право да го отстрани секој посетител кој истите нема да ги почитува.

Грижата за колективното здравје е заедничка одговорност, која во овој случај треба да ја понесе организаторот на настанот. Ги повикувам надлежните веднаш да реагираат и соодветно да ги санкционираат одговорните“, напиша Филипче на Фејсбук.

Како што пренесува „САКАМДАКАЖАМ.мк“, а е евидентно и од фотографиите споделени на социјалните мрежи, на концертот во античкиот локалитет Хераклеја не беше запазена потребната дистанца меѓу гостите, а и голем дел од нив не носеле маски. Битолчаните кои биле меѓу гостите, пак, тврдат дека сите на настанот влегле со маски и им била мерена температура, но потврдуваат дека меѓу публиката ја немало потребната раздалеченост и дека дел од луѓето ги извадиле маските.

- Реклама -