Фетел по третпат шампион на Формула 1

Себастијан Фетел има причина да биде горд на себе и на тимот на Ред Бул откако успеа да се закити со третата шампионска титула во низа во светот на Формула 1.

Германецот воедно стана и најмладиот возач што успеал да стигне до три трофеи во својата кариера, на 25 години и 125 дена, уривајќи го на тој начин рекордот на Аиртон Сена.

Фетел и на последната трка се соочи со проблеми, откако по само неколку свиоци се најде на последното место, но сепак успеа да влезе во ритам и да стигне до пласман што му ја гарантираше титулата.

„Реално гледано, работите не можеа да почнат полошо за нас. Не мина ниту една минута, а јас се најдов на последното место. Единствена среќна околност беше што во моментите кога се вртев не дојде до судир со некој од ривалите, тоа сигурно ќе беше погубно. Веднаш штом ситуацијата се стабилизира, можев да влезам во ритам и да ги минувам болидите пред мене. Токму тоа е силата на Ред Бул, во моментите кога работите не одат најдобро ние не правиме конфликт, туку веруваме во себе, се сплотуваме и победуваме. Затоа, за овој мој трофеј заслужни се сите оние што во изминатите десетина месеци работеа напорно на болидот“ во свој стил коментираше Фетел, делејќи ја заслугата за титулата со сите останати членови на тимот на Ред Бул.

Третиот трофеј во серија дефинитивно е потврда дека Германецот заслужува да биде вброен меѓу великаните на овој спорт, а пред Фетел е голем предизвик, да продолжи во ист ритам и во годините што доаѓаат.

„Оваа трета титула дефинитивно ми е најдрага, неверојатно е чувството да се победува и по победите. Многумина сметаа дека немам сили за ваков успех, да станам третиот возач во историјата на Ф-1 со три титули во низа, но сите во тимот работевме напорно за да го докажеме спротивното. Истото ќе биде случај и догодина, но ние сме подготвени и за следните предизвици, убеден сум дека и во 2013 година ќе атакуваме на највисок пласман“ оптимистички е расположен шампионот во Формула 1.

- Реклама -