Фетаи во завршните зборови за Смилковско: Велјановски нема поврзаност, случајот не е монтиран, чинот не заслужува ништо помалку од доживотен затвор

До овој момент ниту бил приложен било каков доказ, ниту произлегле какви било индиции дека децата убиени кај Смилковско езеро се познавале со деца на висок функционер, уште помалку дека имало некакви долгови – рече обвинителката Фатиме Фетаи во завршните зборови за случајот „Монструм“, кои ги започна со побивање на одредени теории што кружеле или биле наметнувани околу случајот.

Притоа, таа потсети на сведочењето на премиерот Зоран Заев, кој изјави дека освен писанија во медиуми од квази-новинари, тој ниту поседува, ниту видел некакви докази што би ја потврдиле таа „теорија“, според која децата биле во блиски контакти со синот и ќерката на Трајко Велјаноски и биле ликвидирани поради нерасчистени сметки со нив.

Поврзаноста на Велјаноски, меѓутоа, беше последната што Фетаи ја посочи. Приоритет таа им даде на теориите околу автомобилот и локацијата каде било извршено убиството:

Според Фетаи, неточно е дека предметното возило ѝ припаѓало на полициската единица „Алфа“ – како што тврдеше сведок кој бил осудуван за „измама“, кој само врз основа на бојата (вишна) и скопските регистарски таблички тврдеше дека со истото возило бил возен кога бил апсен. Фетаи потенцираше дека таквото сведочење нема поткрепа, за разлика од исказот на еден од обвинетите – Хаки Азири, кој кажал дека во истиот автомобил се возеле дел од обвинетите вечерта кога се случи петкратното убиство во 2012 година, а потоа и била најдена ДНК на друг обвинет и оти вештачењето покажало дека возилото било кај Смилковско Езеро.

Според Фетаи, нема основа ниту теоријата дека децата биле убиени на друга локација, па телата донесени на локацијата кај Смилковско. Трагите на местото на настанот, локвите крв, чаурите, но и отсуството на траги на облеката и на тревата од  влечење на телата, рече обвинителката, покажуваат дека децата биле убиени на лице месо, а сѐ друго е научна фантастика.

Фетаи ја отфрли и тезата дека загрозениот сведок е инструиран. Таа посочи дека во неговото сведочење имало одредени нејаснотии, празнини и забуни, што не би било случај доколку тој бил инструиран како да сведочи и што да каже.

„Овој дел го потенцирам за да се демантира тврдењето на одбраната дека целот настан е монтиран“, рече обвинителката, која во завршните зборови оцени дека обвинетите се одговорни за убиствата за кои се товарат и дека чинот не заслужува ништо помалку од доживотна казна затвор, додавајќи дека никогаш повеќе во својата обвинителска кариера не сака да се соочи со ваков настан.

 

- Реклама -