Со фенови против брзо возење

Со возачи што им шибаат по инаку тивките улици и со брзина до 100 км/ч, жителите на шкотското село Хоупман решија да го земат законот во свои раце. Со фенови за коса.

Како што пренесува BBC, сé повеќе од селаните, од постари мажи па до мали девојчиња, почнуваат да носат флуоросцентни рефлективни елеци и да стојат крај патиштата, држејќи фенови за кои се надеваат дека несовесните возачи ќе помислат дека се speed guns т.е. брзински радари.

Некаков видлив ефект во смисла на повеќе безбедност во сообраќајот баш и нема, но и онака тоа не е главната поента. Главната е да се испрати порака, ем до возачите што возат со брзини над дозволената, ем до сообраќајната полиција, која би требало да се справува со проблемот наместо селаните (полицијата, нормално, се правда дека константно работи на проблемот).

Интересното е што ова не е прв пат да се појави вака несериозна шема за справување со несовесни возачи. Слични верзии на фен-speed-gun трикот се појавија и во 2000-тата, во село во Оксфордшир; исто така и во Палм Харбур, Флорида, во 2012-тата; па дури и во 2016-тата, во Мосцице во Полска, кога некој постави кукла полицаец, исто така со фен.

Овие другиве примери, сепак, вродија и со делумен успех. Што ќе рече BBC, се покажа дека возачите што возат со големи брзини не се само опасни за населените области, туку и (доволно) глупи (за да наседнат на финтата). Што во суштина е сосема логично.

- Реклама -