Срамежливи луѓе познавате. А дрва? Кај одредени видови се јавува токму таков феномен, наречен „срамежлива крошна“ (познат уште и како canopy disengagement, canopy shyness и intercrown spacing). Кај овие дрва, иако се потполно разгранети, гранките не се допираат и мешаат со гранките на дрвата околу нив. Така се создаваат „канали“ од празен простор меѓу крошните, како на сликата.
Според Wikipedia, феноменот најчесто се јавува кога се работи за дрва од ист вид. Но исто така се појавува и меѓу соседни дрва од различни видови.
Има неколку теории зошто дрвата пројавуваат адаптивно однесување како што е срамежливата крошна. Една од нив сугерира дека со тоа се спречува ширање на инсектните ларви кои се хранат со листови.
Научната литература дискутира за срамежливите крошни уште од 1920-тите. Истражувањата и експериментите сугерираат дека можеби постојат повеќе различни механизми на појава на феноменот, кои варираат од вид до вид дрво. Се смета дека се резултат на конвергентна еволуција (кога видови кои не се блиско поврзани развиваат слични особини како резултат на адаптација на слична околина).