Фејсбук тестира „Snooze“ за пријатели

Не ти чуе за фудбал, ама ете, играат Барса и Реал, а ти на Фејсбук имаш пријател што цел ден ќе тупи колку се едните боље од другите? Или другарка од средно што ја немаш видено 15 години се омажила и веќе шести ден постира слики од свадбата? Или идат избори, а ти имаш пријатели што знаеш дека ќе ги замразиш ако им ги читаш политичките Фејсбук статуси?

Се чини дека овие и сличните проблеми на Фејсбук живеачката наскоро ќе бидат минато; имено, мрежата тестира нова опција – Snooze за пријатели. Како што знае/насетува секој што наутро користи аларм на мобилниот, „snooze“ во буквален превод значи „дремни уште малку“, но практичното значење му е да го одложиш алармот за малку подоцна. Исто и со snooze-от за пријатели – овозможува привремено да престанете да следите одредени пријатели, пејџови или групи, т.е. да спречите нивните објави да се појавуваат на вашиот News Feed на одреден период. Конкретно, ќе можете да ги „одложите“, т.е. „замолчите“ на периоди од 24 часа, 1 седмица или 30 дена.

Секој што има Фејсбук профил постар од 2 минути знае дека ваква опција не само што е корисна, туку е и неопходна ако сакате да си ги зачувате нервите додека скролате по News Feed, особено во комплицирани општествени времиња (локални избори, на пример). Од друга страна, ваква опција дополнително ќе му помогне на корисникот да остане глув на одредени ситуации и особено ставови спротивни на неговиот, со тоа поудобно сместувајќи се во својот сé потесен информационен меур. Ама хеј, ако Фејсбук Snooze-от значи дека во блиска иднина ќе можеме да ги мјутнеме новопечените мајки на едно 10 години (додека не им се смачат децата), тоа е цена што дефинитивно вреди да се плати.

 

- Реклама -