Друштвената мрежа „Фејсбук“ на своите корисници ќе им исплаќа месечен надомест во замена за слободен пристап до нивните податоци.
Новата услуга ќе биде понудена на сите корисници на оперативниот систем Google Android, кои се постари од 18 години и поседуваат своја лична PayPal сметка. Системот, откако ќе добие одобрување од корисникот, а во име на „истражување на пазарот“, ќе собира разни податоци поврзани со мобилниот уред, користењето на одредени апликации, времето поминато на нив, но и податоци за сите останати активности. Се разбира, образложението на Facebook и овојпат звучи како да се работи за нешто сосема наивно: „На овој начин ќе откриеме кои апликации нашите корисници најмногу ги користат, и како ги користат“.
Од компанијата наведуваат дека новиот систем нема да собира податоци за лозинките и кориснички податоци, како ни за личните пораки и фотографиите, како и дека податоците нема да бидат споделени (читај: продадени) на трети странки.
Сепак, експертите предупредуваат корисниците да бидат внимателни. „Facebook мора да понуди поголема транспарентност околу своето работење ако сака да докаже дека корисниците можат да им веруваат доволно за да им дозволат целосен увид во нивниот мобилен уред“, се сложуваат тие. Пам Диксон, на пример, извршна директорка на компанијата за истражување на пазарот World Privacy Forum, потсетува дека дури и самото поседување на одредени апликации, како оние за тренинг или контрола на здравјето, собираат и можат да откријат чувствителни информации за корисникот кои самиот тој сигурно не би сакал да ги сподели.
Ова не е првпат Фејсбук да им плаќа на корисниците, потсетува Market Watch. Во 2016-та, мрежата на корисниците од 13 до 35 години им исплаќаше и до 20 долари месечно за да ја инсталираат апликацијата Facebook Research, преку која Фејсбук собираше информации околу историјата на пребарување на интернет (browser history) и целата активност на мобилниот уред. Новата понуда за почеток ќе биде достапна на двата најголеми пазари – САД и Индија.